Јована Мицевска голманката која беше дел од првиот тим на Вардар, заедно со Суслина и Лејно, својата играчка кариера ќе ја продолжи во екипата на Ница од Франција. Иако има само 18 години, ова за неа ќе биде голем и прв интернационален предизвик во нејзината кариера. Мицевска ги помина сите младински категории на Вардар и беше дел од првиот тим, а нејзина следна дестинација е тимот на Ница. Што било пресудно во нејзината одлука да замине во овој клуб, кој е полн со амбиции.
-Ница е клуб со големи амбиции и одлична екипа за напредок и развивање во врвен спортист, па кога клубот е со таква амбиција, тогаш и одлуката на секој спортист да се биде во еден таков спортски колектив е исправна.
Јована помина шест години во Вардар и како што напоменавме ги мина сите возрасни категории во клубот, а нејзиниот талент беше набрзина препознаен, по што добиваше шанса најпрво од Индира Кастратовиќ да биде дел од првиот тим, а во сезоната која помина ја доби довербата и од Ирина Дибирова и Парондо да застане на голот на црвено-црните. Помина незаборавни моменти во овој клуб, кои сигурни сме дека вечно ќе ги памети.
-Во Вардар поминав прекрасни моменти, имајќи предвид дека дел од моето детство, па се до полнолетството го поминав во овој клуб. Секако дека ми беше тешко да го напуштам Вардар, клубот во кој израснав, но среќна сум што ќе одам во нова средина каде ќе можам да напредувам. Вардар секогаш ќе остане во моето срце и ќе има посебно значење во мојата играчка кариера. Со овој клуб го имав првиот настап во Лигата на Шампионите, имав можност да бидем дел од завршниот турнир во Будимпешта, како и во регионалната лига и искрено сум многу благодарна на стручниот штаб за сето тоа.
Ако некој мора да се спомене како најголем “виновник“ за нејзиниот подем и квалитет, тоа е сигурно Александар Царчев, кој работи како тренер на голмани во младинските екипи и во втората екипа на Вардар, а е помошник и на Раул Гонзалез на клупата на Македонската репрезентаија.
-Морам да го споменам и мојот тренер, Александар Царчев, кој несебично го пружаше својот максимум, внимание и време на секој трениг, како вистински професионалец. Неизмерно ќе му бидам благодарна, се работи за врвен тренер, а пред се голем човек.
Во Ница ќе има со кого да зборува на својот мајчин јазик, тоа е тренерот на оваа екипа, Марјан Колев, се работи за голем стратег и професионалец во ракометот, од кој сигурно Јована многу ќе научи и ќе напредува за време на претстојот во земјата која е актуелен светски шампион.
-Ница е тим со големи планови да направи успех во ракометната елита, а тргнувајќи од податокот дека Франција е и светски ракометен шампион, најпрво бев среќна што добив понуда од таков тим, кој доаѓа од земја која е на врвот во светскиот ракомет. Ќе дадам се од себе за да ја оправдам довербата на стручниот штаб и на целата управа. Марјан Колев е поранешен репрезентативец на Македонија, екс вардарец и докажан стручњак во својата работа. Мило ми е што ќе соработувам со таков тренер и се надевам дека ќе вратам со макотрпна работа на теренот, изјави Мицевска за нашиот сајт.
Звонко Ивановски