Јована Мицевска, Анастасија Николовска и Ива Божиноска се ракометарките од младинскиот состав на Жрк Вардар, кои ги повторија наградите за најдобри на своите позиции на турнирот “Вардар, еден живот, една љубов“. Овие три надежни девојки на Вардар и Македонскиот ракомет, повторно беа избрани за најдобри поединци.
Јована Мицевска полека се “наѕира“ како нова голманска надеж, за која во иднина би требало да се поврзуваат многу работи со нејзиното име. Таа има само 15 години и веќе почнува да прераснува во играч, чие време треба допрва да доаѓа. За прв пат започнува да тренира во ракометната школа на Зоран и Индира Кастратовиќ, а веќе четврта година е дел од црвено-црното семејство. Покрај настапи за младинските категории на Вардар, Јована може да се пофали и со официјални натпревари во првиот тим на Жрк Вардар, каде минатата сезона често добиваше шанса да биде дел од врвните ркометни имиња. Најголема заслуга за нејзиниот напредок, се препишува на Александар Царчев, кој моментално работи во Жрк Вардар Јуниор, како тренер на голманите. Имаше исто така можност, кратко да работи со оваа екипа која моментално е вистинско изненадување во супер лигата и европските натпреварувања. На кадетското ракометно првенство кое во август месец се одржуваше во Македонија, Мицевска беше дел од нашата ракометна репрезентација. На неодамна завршениот турнир “Вардар, еден живот, една љубов“ “чудото“ од голман по втор пат го доби признанието за најдобар голман, повторувајќи го на тој начин успехот од минатата година.
Анастасија Николовска е ракометарката која со своите 17 години се издвојува со своите квалитети од останатите. Позицијата лево крило во првиот тим на Вардар, во иднина би требало да припаѓа токму на ова девојка. Прераснува во лидер на младинскиот состав, кој го предводи Билјана Пецевска и најефикасната ракометарка на оваа екипа. На полни единаесет години се запишува да тренира во ракометната школа на Кастратовиќ. Веќе трета година го носи црвено-црниот дрес и со чест и гордост ги брани боите на клубот. Во 2013 година добива големо признание од опшина Кисела Вода, кога е избрана за најдобар спортист на годината. Покрај натпревари за младинските категории на Вардар, Анастасија има забележано настапи и за првиот тим во најсилната супер лига и тоа заедно со нејзините соиграчки од малдинскиот погон. Ако се земе статистика на натпреварите на кои добиваа шанса, Николовска е дефинитивно најдобриот стрелец во овие мечеви, постигнувајќи 12 голови. Стандардна репрезентативка и за кадетките на Македонија. Втора година по ред, заслужено ја добива наградата за најдобро лево крило на завршниот тунир “Вардар, еден живот, една љубов“. Несомнено е дека располага со големи играчки квалитети и чуство за игра, па полека клубот треба да размислува за нејзината улога и во првата екипа.
Ива Божиноска е третата ракометрка која успеаа да ја обедини наградата за најдобра на својата позиција на турнирот “Вардар, еден живот, една љубов“. Нејзината големина е во тоа што може да настапува на две позции, како организатор на играта и како лев бек. Токму на овие позиции доби признание на споменатиов турнир. Беше дел од имињата, кои беа повикани од Индира Кастратовиќ да настапуваат за првиот тим во супер лигата, каде имаше доста забележителни настапи. Беше дел и од Македонската кадетска репрезентација на Европското првенство, кое во месец август се играше во Македонија. Ова се трите имиња, кои засега оставаат значаен белег во младинските категории и на кои треба да се обрне внимание во иднина.
Звонко Ивановски