Tuesday ,07 May 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Јована Мицевска во стилот на Лејно го “скроти“ Металург
Јована Мицевска во стилот на Лејно го “скроти“ Металург

Јована Мицевска во стилот на Лејно го “скроти“ Металург

Кадетската репрезентативка на Македонија и голман на младинките на ракометниот клуб Вардар, Јована Мицевска ја предводеше својата екипа до победа во дербито со екипата на Металург. Големата надеж на Вардар и Македонскиот ракомет го заврши натпреварот со 20 успешни интервенции зад нејзиното име и беше најзаслужна за триумфот против конкурентот за титулата. На моменти кога не им одеше на Вардарки и кога противникот се доближуваше до нашата предност, тука беше Јована која ги спречуваше нивните налети дури и со двојни одбрани во една акција на Металург. Нејзините соиграчи понесени на крилјата на нејзините неверојатни одбрани, на моменти имаа и предност од пет голови разлика. Со ваква позитива се замина на полувреме (11:6).

Ниту во вториот дел екипата од Автокоманда немаше одговор за нејзините одбрани, па Мицевска во стилот на Амандин Лејно го заврши натпреварот со импресивна бројка на одбранети удари кон нејзиниот гол. Најгусто беше кога при наше водство од 14:10, Металург постигна три гола во серија дури и имаше напади за израмнување, но Мицевска не дозволи такво нешто. Вардар тоа максимално го искористи и успеа повторно да се одлепи на солидна предност, која умешно до крај ја зачува. Ако на крајот се бираше најдобар играч, тоа признание секако ќе и припаднеше на надежната Мицевска. Инаку двете екипи ќе се сретнат повторно на завршниот турнир, на кој ќе се одлучи новиот шампион во женската младинска лига. До крајот на регуларниот дел остануваат уште две кола за играње. Вардар треба да гостува на екипата на Ѓорче и на домашен терен да го пречека тимот на Делчево.