Двобојот помеѓу женските екипи на Вардар и Металург, продолжува во недела во салата во Автокоманда, во рамките на младинската лига. Првиот веќе го добивме, откако на вчерашниот дуел на истиов терен, вториот тим на Вардар беше подобар од првиот на Металург.
Младинките на Вардар и Металург влегуваат во овој дерби дуел со максимални девет бодови, после три одиграни кола. Црвено-црните впишаа победи против екипите на Чаир, Кичево и Бисинов. Лигата брои само седум екипи и меѓусебните дуели помеѓу утрешните противници ќе го реши новиот шампион во оваа конкуренција.
Ова ќе биде меч на екипи во кои преовладуваат девојки кои настапуваат за кадетската репрезентација на Македонија. Вардарки во своите редови ги имаат Мицевска, Вељановска, Георгиевска, Николовска и Божиноска. Истиве минатата сезона имаа настапи за првиот тим на Вардар, на натпревари во супер-лигата. Овие девојки ќе бидат најголема опасност кон противничкиот гол. На спротивната страна овој број е поголем. Девојките од Автокоманда ги предводи Јулијана Црвенковска, која е актуелен селектор на Македонската кадетска селекција. Таа во своите редови има ракометарки како Граматова, Иљаз, Глигорјадис, Стефановска, Арсениевска, Ангеловска и.т.н. Домашниот терен и поголемиот број на репрезентативки може да го стави Металург во улога на “мал“ фаворит на овој натпревар. Двете екипи имаа постигнато ист број на голови, или вкупно 91, додека Вардарки имаат подобра одбрана од противникот.
Наш најголем “адут“ е голманката Јована Мицевска која е во голем подем, на спротивната страна сините ја имаат перспективната Пени Граматова која игра на позицијата лево крило, како и бекот Мери Арсениевска. Сепак и нашиот предводник на клупата Билјана Пецевска има доволен број на квалитетни ракометарки, кои можат во секое време да одговорат на поставените задачи. Мечот започнува од 17:30 часот во салата во Автокоманда.