Младинската екипа на ЖРК Вардар по низа победи го доживеа првиот пораз токму на дерби мечот со својот ривал ЖРК Металург . На вчерашната средба помеѓу младинките во салата во Автокоманда, подобра беше противничката екипа.
Црвено-црните одлично го започнаа овој дуел со предност од 0:2. Металург во следните минути одговара со серија од четири последователни погодоци, за водство од 4:2. До 15 минута, домаќинот одржуваше позитива од 2-3 голови. Вардарки не дозволуваат противникот да се одлепи, и го израмнуваат резултатот на 7:7. До крајот на првиот дел се игра речиси гол за гол, но Металург заминува на пауза со предност од 10:9.
Во поголемиот дел од второто полувреме гледавме израмнет натпревар, ниту една од екипите немаше поголема предност од два голови. Црвено-црните храбро се бореа на теренот за секоја топка. Клучниот момент за конечниот победник се случи, кога Металург поведе со 20:17, што на крај се покажа како пресудно.
Најефикасна во нашиот состав беше Анастасија Николова која имаше постигнато 5 гола .По 3 погодоци запишаа Ива Божиноска , Александра Вељановска и Ана Станикевска додека пак по 2 гола имаа постигнато Ангела Карчева и Стојмановска Ивана . По 1 гол имаат и ракометарките Тодоровска Анастасија и Сашка Филиповска. Јована Мицевска на својата голманска позиција блескаше во полн сјај која запиша 16 одбрани , од кои 2 беа одбранети пенали. За разлика од Вардарки , во екипата на Металург најефикасни беа Јана Калајџиева со доминантност во натпреварот (8 гола) и Јована Владева (6гола) . Иако до овој меч и двете екипи имаа ист број победи , сепак овој дуел му припадна на домаќинот кој славеше со резултат од 23:20 .
Марија Тодосова