Thursday ,28 March 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Куманово извади бод, младиот и борбен Вардар покажа дека оваа сезона ќе биде тврд “орев„ за сите противници
Куманово извади бод, младиот и борбен Вардар покажа дека оваа сезона ќе биде тврд “орев„ за сите противници

Куманово извади бод, младиот и борбен Вардар покажа дека оваа сезона ќе биде тврд “орев„ за сите противници

Вардарки има за што да жалат на стартот од сезоната. Иако водевме во текот на целиот натпревар, на крајот Куманово се провлече и успеа да си замине со бод од С.Ц. Јане Сандански. Поделба на бодовите и нерешен резултат од 30:30 на премиерата на новата натпреварувачка сезона.

Само пофалби за младите девојки кои се родени “2002„ година а оваа сезона ќе играат за првиот тим на Вардар. Во текот на целиот меч избраничките на Симовски и Пецевска имаа водство а на присутните гледачи во салата Јане Сандански им приредија максимална борбеност и ангажираност за секоја топка на теренот. Започнавме фуриозно со три голови во серија, од кои два ги постигна Андреа Седлоска со ударите од седум метри, за Вардар по 5 минути игра да има предност од 3:0, додека на голот блескаше Симона Грујовска, која беше еден од “виновниците„ што вардарки имаа постојана предност во текот на првите 30 минути.

41360617_1845592755487562_1461152220606103552_n

Нашата голманка веднаш стигна до две одбрани, а како одминуваше дуелот само го зголемуваше бројот на успешни интервенции зад своето име. Првиот гол, екипата на Куманово го постигна во 6.минута за да го намали резултатот. Откако Милица Николиќ погоди во следната минута, противничкиот тренер побара тајмаут. Намалија за момент Куманово на 4:2, но со “бомбата„ на Николиќ и со нова одлична одбрана на Грујовска, нашиот тим се одлепи на најголеми четири голови предност (7:3). Во следниот период од мечот гледавме мини серија од два гола на двата тима. Најпрво Куманово намали на 7:5, за Вардар да врати на исти начин и со серија од два погодоци и со голот на Седлоска да зголеми на 9:5. Избраничките на Симовски и Пецевска постојано одржуваа предност која се движеше од 2-4 голови.

41331376_1845589785487859_2031409536895549440_n

Голманката Грујовска е повторно во елемент, брани зицер удар на противникот, а крилото Мирјана Петковска од својата позиција постигнува гол за водство од 13:9 во 22 минута од дуелот. Следеше период кога гостинската екипа со три последователни голови намали на 13:12, но тоа не ги обезхрабри младите вардарки, кои со погодоците на Трпевска и Седлоска зголемија на 16:12. Денес Андреа Седлоска беше непогрешлива од линијата за седум метри и имаше 100% ефект на реализирани удари. Имавме можност преку Ивона Трпевска да зголемиме и на највисоки пет гола, но одбрани противничкиот голман, затоа врати на ист начин и Грујовска и со нова одбрана го остави Вардар на предност од четири голови, иако имавме и последен напад за погодок, кој не го реализиравме. На одмор се замина со водство на Вардар од 16:12.

41389622_1845589915487846_804692733137518592_n

Во вториот дел, екипата на Куманово се реши да игра пресинг на нашата половина, што им даде и резултат. По само 4 минути игра успеаа да намалат на само еден гол негатива (17:16). Вардарки се бореа и понатаму, иако искуството и возраста беа на страна на противникот. Благодарение на нов гол на Седлоска, дојдовме до предност од 22:20, а на голот застана и Јована Трајковска која на успешен начин ја замени Грујовски. Токму  во два наврати Трајковска со одбрани успеа да спречи израмнување на резултатот. Израмнување се случи во 40 минута, кога резултатот на семафорот гласеше 20:20.

41311760_1845590022154502_2057740203270864896_n

Борбениот Вардар беше решен да победи, па со погодоците на Гоцевска и Гроздановска повторно имаше солидна предност од 23:20. Повторно гледаме неизвесност кога Куманово намали на 24:23, но врати Николиќ со својот 4 гол за предност од 25:23 во 49 минута од дуелот, а со голот на Петковска имавме и три гола разлика (26:23). Победата се назираше кога во контра напад, гол постигна и Стефанија Ѓорѓиевска за да го вратиме она највисоко водство од 27:23 во 23 минута. Куманово се погрижи за нова неизвесност, кога намали на еден гол негатива, но непогрешливата Седлоска со нов гол зголеми на 29:27 на три минути пред крајот, а Трајковска со нова одбрана го доближи Вардар до победа. Седлоска со својот 10-ти гол му донесе водство на Вардар од 30:28, но следеше возбудлива завршница. Вардар испушти голема победа, имаше 30:29 и напад во кој останаа уште 10 секунди, за да ја изгубиме топката и да дозволиме контра-напад за Куманово кој го реализира на 3 секунди пред крајот. Конечниот резултат гласеше 30:30. Штета за малдите вардарки, кои покажаа борбеност и срце во текот на сите 60 минути.

Пофалби комплетно за целата екипа и за голманките, Грујовска и  Трајковска кои имаа одлично издание на голот  на Вардар.

Вардар: Грујовска, Трајковска, Гоцевска 2, Ѓорѓиевска 2, Божиноска, Џатевска, Трпевска 1, Гроздановска 3, Костовиќ 3, Диневска, Седлоска 10, Коларовска, Јаковчевска, Петковска 4, Дамјановска 1, Николиќ 4.