Денес како домаќин, тимот на ЖРК Вардар, го пречека тимот на Куманово. Овој натпревар според очекувањата, нашиот тим го доби убедливо, со уште една педесетка во противничката мрежа. Вардарки на овој натпревар броеа дури до 52 погодоци, а примија вкупно 25.
Ова беше уште еден натпревар во низа кој го доби Вардар, по оној во петокот против тимот на Ференцварош и претходно со тимот на Овче Поле. Уште на стартот поведовме со 4:0, за првиот гол екипата на Куманово да го постигне во 5 минута, за намалување на 4:1. По овој гол следеше нова серија на црвено-црните од четири последователни голови за веднаш на стартот да се одлепиме на убедливи 8:1.Во средината на првото полувреме стигнавме и до двоцифрена предност од 13:3.На секој погодок на противникот, Вардарки одговараа во серија со неколку голови и на полувреме имавме убедливи 30:10. Иако игравме без неколку првотимки, избраничките на Дибирова немаа поголеми проблеми во овој домашен дуел. Во второто полувреме само растеше предноста во наша корист, а Куманово немаше сила да се надигрува со нашиот шампион. Освен Лазовиќ и двете голманки, сите останати кои беа во составот се запишаа во листата на стрелци.Шанса на голот доби повторно младата Јована Мицевска.
Вардарки сега на првенствената табела имаат три победи од исто толку натпревар и вообичаено се наоѓаат на првата позиција. Следен дуел за Вардар е оној во сабота против тимот на Турингер во рамките на Лигата на шампионите.
Сара Ристовска постигна 12 гола, а Теодора Керамичиева беше стрелец на девет гола.
ЖРК Вардар: Кликовац 7, Саздовска 3, Бајрамовска 7, Лазовиќ, Мицевска, Керамичиева 9, Чанаџија 7, Суслина, Лакрабер 2, Петровиќ 5, Ристовска 12.