Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Вардарки го „прелетаа“ и Астибо, избраничките на Ристова продолжуваат со победите
Вардарки го „прелетаа“ и Астибо, избраничките на Ристова продолжуваат со победите

Вардарки го „прелетаа“ и Астибо, избраничките на Ристова продолжуваат со победите

Вардарки немаа големи проблеми околу обезбедување на нова победа. Денес во С.Ц. Јане Сандански на натпревар од 4.коло во рамките на групата Б, избраничките на Драгана Ристова убедливо ја победија екипата на Астибо, со резултат 38:25.

Натпреварот со погодок од контра напад го отвори Бојана Диневска, за подоцна со голот на Ангела Костовиќ да имаме и водство од 4:0. Започнавме цврсто со одбраната, што резултираше за противникот првиот свој гол да го постигне во 6.минута од натпреварот за намалување на 4:1. На денешниот натпревар бевме без Миновска, Џатевска и Бојана Коцева кои имаат настап за репрезентацијата на Македонија. Дозволивме мало опуштање во нашите редови, што допринесе за гостинската екипа да намали на еден гол негатива, дури и да има напад за израмнување, но вардарки пресекуваат во контра и погодуваат преку Дамјановска за 7:5. Од тие моменти започнавме да го контролираме резултатот, па така на средината на првиот дел имавме солидно водство од пет гола разлика (11:6). На нашиот гол беше Јована Трајкоска која врза неколку одбрани зад своето име. Кај екипата на Астибо се зачестија грешките, ние тоа немилосредно го казнувавме во брзи контри, за да стигнеме до двоцифрена предност во 23.минута (18:8) со погодокот на Ивона Трпевска. Оваа разлика ја зачувавме до крајот на првото полувреме, па на одмор се замина со резултат 21:11.

Второто полувреме беше само рутина за вардарки, отворивме преку Костовиќ, за како одминуваше натпреварот само да го зголемуваме водството. Ристова им даде шанса за  настап на сите ракометарки, кои денес имаа свој придонес во победата. На крајот конечниот резултат гласеше 38:25. Ова беше четврта победа од исто толку одиграни натпревари за вардарки.

Најефикасна беше Ивона Трпевска со 8 голови, додека Бојана Диневска постигна 7 голови, а Катерина Дамјановска беше стрелец на 6 голови.