Екипата на ЖРК Вардар СЦЈС успеа да победи на гостувањето во Битола против екипата на Пелистер и да стигне до нови бодови во супер лигата. Избраничките на Симе Симовски забележаа рутинска победа со резултат 43:20. Иако на овој натпревар неможевме да сметаме на неколку ракометарки меѓу кои Леонида Гичевска, Анастасија Николовска, Ангела Тодоровска, Сара Митова и Ана Станикевска, нашите млади девојки немаа поголеми проблеми и со висок триумф заминаа од гостувањето во Битола.
Само во првите десет минути, домашниот тим беше достоен противник, кога имаше негатива од 2-3 гола разлика. Сепак како одминуваше мечот, дојде до израз нашиот квалитет и супериорноста на теренот. Едноставно Пелистер немаше сили да се носи со Вардар и уште по првото полувреме многу работи беа јасни околу победникот, кога на одмор се замина со резултат 12:20.
Во вториот дел само растеше нашето водство и овој период од играта беше само рутина за избраничките на Симовски, кои на овој начин стигнаа до нова победа во најсилната супер лига.
Убедливо најдобар стрелец во нашите редови беше капитенот Маја Трпковска која постигна 15 голови. Дури три ракометарки постигнаа по 7 гола и тоа Нолевска, Керамитичиева и К. Георгиевска.
ВАРДАР СЦЈС: Белмезова, Прленда, Стојановска, Трпковска 15, Георгиевска 7, Бојаџиска 1, Нолевска 7, Петковска, Керамитчиева 7, М.Георгиевска 1, Мишевска 5.