Летниот одмор заврши за женскиот европски вице првак Вардар, па ракометарките денес, понеделник полека пристигнуваат во главниот град, Скопје, а дел се и претходно тука. Утре, вторник на “мени“ е првиот тренинг на екипата, истиот би требало да се одржи попладне.
Оваа сезона целта на ЖРК Вардар е да се оди уште едно скалило погоре т.е вицешампионската титула да се замени со европско злато за девојките. Во ростерот за сезоната 2017/2018 има дури пет нови имиња во составот, Теа Керамичиева, Мирјета Бајрамовска, Јована Саздовска ( репрезентативки на Македонија) и Русинката Полена Кузнецова и Србинката Драгана Цвијиќ. Според планот за подготовки, првите четири денови ќе се работи во Скопје, а потоа се заминува на Златибор каде се останува десет денови. Експедицијата се враќа потоа дома, и ги завршува последните подготовки за настап на турнирот чии домаќини сме ние во периодот од 23 до 26 август во Скопје.