Вардарки со “камата“ им наплатија на ФТЦ Будимпешта за оној нерешен резултат во Скопје, славејќи убедлив триумф на нивниот терен со резултат 24:37. Ова беше сигурно најдобар меч за нашите девојки во новата сезона од најголемото ракометно натпреварување. Блескавме во сите фази на играта, покажувајќи дека оној нерешен резултат беше само случајност. Овој триумф имаше посебно значење за “славеничката„ Андреа Пенезиќ која наполни 31 година.
-Морам да признам дека се подготвувавме цела недела за овој меч. Имавме респект кон ФТЦ. Во првиот натпревар во Скопје не бевме најдобри, ама сега целосно ја оправдаме улогата на фаворит. Одигравме најдобар меч досега, првенствено мислам на одбраната која функционираше совршено. И кога некој ќе погрешеше, имаше кој да помогне и да затвори. Ова ми е најдобар подарок за роденден, вели Андреа Пенезиќ.
Словенската репрезентативка игра се подобро во дресот на Вардар и на овој меч постигна шест голови.
-Среќна сум што победивме. Можеби никој не очекуваше волку висока победа. Она што го работевме лошо во Скопје на првиот натпревар се обидовме да го подобриме. Се поклопија многу работи, игравме добро и во одбрана и напад, и головите си дојдоа на нашата добра игра, вели Тамара Мавсар.