Пионерките го освоија првото место на турнирот во Белград, откако денес во големото финале беа подобри од екипата на Студентски град.
Избраничките на Платон имаа одличен старт на дуелот кога по пет минути игра поведоа со 4:1, откако од седум метри успешно погоди Мила Пешиќ. Само од тука како да застанаа нашите пионерки, а на теренот видоме еден сосема поинаков противник од првите минути. Откако србинките погодија пречка, вардарки во контра напад постигнаа гол за водство од 5:2. Сепак во следните минути, тимот на Студентски Град успеа да направи серија од 0:3 и да го израмни резултатот на 5:5. Пред да се случи израмнувањето, Пешиќ промаши седмерец, а противникот во следниот напад казни и го израмни резултатот. Александра Коловска од пикерската позиција се погрижи за Вардар да го врати водството од 6:5, кое беше последно за нашите девојки во првиот дел. Агресивната и цврста одбрана на противникот беше решавачка за пресвртот во овој период. Студентски Град до крајот на првиот дел постигна четири последователни голови и на кратка пауза замина со водство од 6:8, а вардарки цели шест минути не успеаа да постигнат гол. Да потенцираме дека на голот неколку одбрани имаше и Вероника Ѓорѓиевска.
Ниту на стартот од вториот дел не одеа добро работите за нас, кога продолжи серијата на Студентски Град кој постигна нови три последователни голови и веќе имаше највисоки 6:11. Вардар не можеше се уште да ја врати играта од стартот, додека противникот ииграше се подобро и самоуверено. Конечно ја прекинавме лошата серија и намаливме на 7:11, но бргу вратија србинките кога со мини серија од два гола зголемија на 7:13. Тука изгледаше дека е познат победникот и освојувачот на турнирот во Белград кога противникот имаше и водство од 8:14. Сепак не мислеа така избраничките на Платон и Папуџиева кои се вратија од “пеколот„ и замислете до крајот на мечот направија серија од 8:0 и на крајот триуфираа со резултат 16:14. На голот дефинитивно царуваше Вероника Ѓорѓиевска која беше креатор на пресвртот, додека Коловска постигна гол за 15:14. Претходно погодувавме од крилните позиции и целосно го свртевме резултатот. Долго ќе анализира екипата на Студентски Град како само за нецели 7 минути да му доволи на Вардар да го сврти целосно ова финале во своја корист. На крајот голема радост за вардарки кои самите не беа свесни каков пресврт направија.
Честитки за пионерките, на целокупниот турнир одигравме вкупно шест меча и имавме пет победи и само еден пораз.