ЖРК Вардар и по седмиот дуел во лигата останува 100%, денес во Јане Сандански ни гостуваше во дербито Ѓорче Петров-ЖРК. Ривалот се закани, поведе со три гола, но ја виде нашата сила, ние се одлепивме во налет и на десет гола. Победивме на крајот со 37-30 (16-16). Ова е втора наша меѓусебна средба во Групата и втора победа за црвено-црните дами.
Започнавме со водство преку Костовиќ, кое потоа го изгубивме и дого трагавме да се вратиме во игра. Ѓорче поведе со 1-2 и заигра одлично, постојано беа на чекор пред нас. Тие поведоа со 5-8 во 13.минута, Ристова побара минута одмор и во игра ги уфрли Трајкоска, Дамјаноска и Миновска со цел да го сменат ритамот. Мора да напоменеме дека имавме до тогаш и 4 исклучувања, па често бевме со играч помалку во поле. Конечно во 26.минута успеавме да поведеме, Трајкоска нанижа неколку одбрани во напад погодија Трпевска, Стојановска, Костовиќ и поведовме со 14-13. Сепак тимот на Ѓорче покажа зашто е најбогат тим и со најкомплетен ростер и изедначи на 16-16 пред да заминеме на одмор. Покрај голманот Трајкоска во првиот дел се истакнаа и Трпевска со 6.гола и Костовиќ која игра последните кола на високо ниво со 5.погодоци.
Во вториот дел влеговме мотивирани, со желба да направиме пресврт и да дојдеме до нова победа која би ни донела зачувување на врвот. Поведовме на почетокот на вториот дел по одбрана на нашиот голман ,а Трпевска стрелаше за 17-16. Врaќањето од повреда на Трајкоска беше во голем стил, на крилјата на нејзините одбрани тимот во напад се одлепуваше. Поведовме со 20-16 во 36.минута и најавивме различно полувреме од првото. По десет минути игра веќе имавме одлични 6.гола (25-19) предност одкако капитенот погоди атрактивно. Вардарки покажаа квалитет и физичка доминација, очигледно ангажирањето на кондициониот тренер Борис Данески заедно со мудрото водење на тимот на Ристова е добитен рецепет бидејќи не знаееме за пораз оваа есен. Трпевска по контра погоди за високи 10 плус (34-24) на нецели 7.минути до крајот и целосен дебекал на ривалот. Победата дојде со резултат 37-30.
Трпевска беше прв стрелец со 11.гола, таа повторно е двоцифрена. Костовиќ имаше 7.погодоци, капитенот Диневска која беше една од најборбените погоди 6.пати, а 5 гола беа дело на Стојановска Михаела. На голот Трајкоска одбрани 8 клучни удари, Илиќ имаше 3 одбрани.