Денес во второто коло од младинската лига, ЖРК Вардар ја пречека екипата на РК Спартак од скопската населба Кисела Вода. Ние дојдовме до втора победа во оваа конкуренција на убделив начин со резултат 46-28.
На стартот поведовме со 1-0, ривалот изедначи во воведните минути тимот на Спартак успеваше да парира. Па по пет минути ракомет имаше резултатска симетрија на семафорот во Јане Сандански, беше 4-4 тоа беше последен поволен резултат за девојките од Кисела Вода. Потоа црвено-црните тргнаа во налет.
Во 16.минута водевме со 14-9 со голот на Џатевска Ивана, сениорската репрезентативка одлично стрелаше по што следеше минута одмор за ривалот. Прв пат на седум плус отидовме во 26.минута кога Стојановска Сара погоди два пати и поведовме со 19-12. На одмор заминавме со комотни 23-16.
Вториот дел на самиот старт најави максимална доминација на црвено-црните дами, веќе во 36.минута имавме двоцифрена предност (28-17) по ударот од дистанца на Попова Јасмина. Ристова почна по овој момент да уфрла во игра кадетки кои беа денес повикани.
Во игра беа уфрлени кадетките: Максимовска, Велјановска, Крагељ, Стојановска, Радевска, Маринчов сите тие покажаа дека може да се смета на нив во иднина, за поздравување е потегот на стручниот штаб на црвено-црните. Победата дојде со високи и убедливи 46-28.
Миновска Сара и Попова Јасмина погодија по 6.пати, само гол помалку односно 5.погодоци впиша Џатевска Ивана, додека пет девојки имаа по 4 гола и тоа: Стојановска Сара, Попова Нина, Коцева Бојана, Радевска Бојана и Васевска Златица.
Миа Маринчов и Тошевска Магдалена погодија по три пати, по еден гол имаа кадетките: Крагељ Мила, Коцева Борјана и Михаела Велјановска. На голот во првиот дел младинската репрезентативка Трајкоска повторно како и вчера беше одлична, во вториот дел исто така на ниво беше Вероника Ѓорѓиевска која имаше тројна одбрана во еден напад и ја дигна публиката и соиграчките на нозе.