Денес, тимот на Стружанка во рамки на 2.коло од плеј-офот беше домаќин на нашиот ЖРК Вардар. Ова е наше прво гостување во 2022 година, девојките на Ристова Драгана и Царчев Александар обезбедија победа со резултат 17:25 (7:14), за зачувување на лидерската позиција на табелата.
Првиот дел од оваа средба започна со наше водство, за предност со 0:1 стрелаше Трпевска Ивона, која со ролинг се ослободи од чуварот и атрактивно погоди. Вардарки од минута во минута ја зголемуваа предноста, отидовме и на плус шест, за високи 4:10 погоди нашиот пикер, сениорската репрезентативка во нашите редови Џатевска Ивана. Следеше криза во наредните минути во нападот со серија 3:0, домаќинот ја преполови нашата предност (7:10), во тој момент нивниот налет го прекина Костовиќ со соло-продор и ефективен погодок. Ние бевме во серија од четири врзани гола па на одмор заминавме со 7:14, со атрактивниот влез на денес мотивираната Костовиќ на 20.секунди до крајот на првиот дел, таа “заби” за предност од седум гола.
Вториот дел од дуелот во салата „Нико Нестор“ во Струга започна со два врзани гола на вардарки, најпрвин од 30.сетина метри погоди Костовиќ, потоа Трпевска од крило за 7:16, резултат со кој најавивме дека ние ќе бидеме тимот кој ќе дојде до цел плен. Ристовски од клупата даде прилика на целиот ростер, сите девојки беа одлични во одбраната и нападот. Победата дојде со резултат 17:25 кој го постави Радевска Бојана на 5.секунди до крајот со лоб од десната крилна позиција.
При стрелеци во нашиот тим беа со по пет гола Костовиќ Ангела и капитенот Диневска, по три гола имаа десните крила: Ивона Трпевска и Бојана Радевска. Илиќ Андреа сопре 10.удари, а Трајкоска и Ѓорѓиевска имаа по 2 интервенции.