Србија и Црна Гора ќе играат меѓусебно во осминафиналето на СП во Германија. Ова е епилогот од одиграното последно коло по групите на мундијалот, по кое Србија заврши на првото место во групата Д, додека Црна Гора е четвртопласирана.
Црна Гора одигра со нерешен резултат во дуелот со Бразил, бод кој им беше доволен за пласман во најдобрите 16 репрезентации. Црна Гора имаше предност во најголем дел од првото полувреме, а највисоката беше три гола разлика, на пет минути пред крајот на првото полувреме (8:11), кога му дозволија на Бразил да направи серија од 5:1 и на полувреме тие да имат водство од 13:12.
Во второто полувреме, во 47 минута, Црна Гора повторно ја врати предноста од 17:19 и се чинеше дека Бразил ќе нема сили за нов резултатски пресврт. Сепак тие не се предадоа, па не само што израмнија, туку можеа на крајот и да слават победа. Бразил поведе со 23:22, но Јауковиќ успева да погоди и да го израмни резултатот. Во последниот напад, херој за црнагорките беше нивниот голман, Марина Рајчиќ која успева да одбрани удар и да ја остави својата репрезентација на мундијалот. Јованка Радичевиќ постигна два гола, додека Андреа Кликовац вообичаено имаше одбранбени задачи.
Србија стигна до третата победа во групната фаза и со уште два нерешени резултати и без пораз, завршија на првото место во својата група. Во последното коло беше совладана селекцијата на Јужна Кореја, која подобро го отвори натпреварот и по шест минути игра поведе со 1:3. Сепак по само три минути игра со серија од 3:1 од кои два гола беа дело на Лекиќ, избраничките на Обрадовиќ го израмнија резултатот на 4:4. Прва предност им донесе Цвојиќ, но азијките беа подобрата екипа на теренот во следните седум минути, повторно поведувајќи со резултат од 7:9. Србија стрпливо ја градеше својата игра, па на полувреме успеа да има минимална предност од 15:14.
Во второто полувреме, Србија ја имаше расположената голманка, Томашевиќ која одбрани два зицер удари, што го искористија нејзините соиграчки за да зголемат на 20:17. Последната резулатска неизвесност беше кога Ј. Кореја го израмни резултатот на 23:23, но Србија во последните 15 минути од мечот постигна десет голови, наспроти само пет на Кореја, за конечен резултат од 33:28. Лекиќ одигра нов одличен натпревар, на кој постигна четири голови, додека Цвијиќ даде еден гол.
Осминафинале обезбедија и Лакрабер и Лејно, кои со репрезентацијата на Франција во последното коло ја “декласираа“ Романија, нанесувајќи и го првиот пораз на мундијалот. Романија добро го започна мечот, на кој поведе со 0:2, но “триколорите“ постигнаа дури седум последователни голови за предност од 7:2. Оваа разлика од пет гола се одржуваше до 20 минута, кога резултатот беше 10:5, за до крајот на првото полувреме, Франција со нова серија од 7:2 на одмор да замине со двоцифрена предност од 17:7. Во второто полувреме, двете репрезентации постигнаа малку голови, за конечниот резултат да гласи 26:17.
Александра Лакрабер успеа да постигне два гола во победата на Франција, која во осминафиналето ќе игра против Унгарија, која заврши како третопласирана во групата Б.
Натпреварите од осминафиналето помеѓу Србија-Црна Гора и Франција-Унгарија на програмата се во недела.