Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Ракометарките на Вардар имаа забележителна улога, во победите на своите репрезентации, во квалификациите за пласман на ЕП
Ракометарките на Вардар имаа забележителна улога, во победите на своите репрезентации, во квалификациите за пласман на ЕП

Ракометарките на Вардар имаа забележителна улога, во победите на своите репрезентации, во квалификациите за пласман на ЕП

Во текот на вчерашниот ден се одиграа натпревари, во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство во Франција. Активни со настапи за своите селекции беа десет играчи од Вардар и сите забележаа победи.

Македонија успеа да стигне до првата победа, откако славеше на гостувањето против селекцијата на Фарски Острови, со конечен резултат од 15:22. Првото полувреме беше многу неефикасно и заврши со нерешен резултат од 7:7. Сепак во вториот дел дојде до израз квалитетот на нашата репрезентација, која како одминуваше натпреварот постепено но сигурно ја зголемуваше предноста. Вардарките во составот на Македонија беа едни од најзаслужните за победата, со оглед дека постигнаа дури 15 од вкупно 22 голови, колку што имаше нашата репрезентација на овој дуел. Најефикасна беше крилото на Вардар, Сара Ристовска која постигна 7 голови, додека Мирјета Бајрамовска беше стрелец на 4 голови. Теодора Керамичиева постигна 3, додека Јована Саздовска еден гол во победата на Македонија, која беше прва во овој квалификациски циклус.

Во истата група победа и за селекцијата на Србија, која со пресврт во вториот дел стигна до бодовите во дуелот против Шведска. Во текот на целото прво полувреме, скандинавките имаа предност, која најмногу достигна седум голови, додека Србија постојано бркаше негатива. На моменти избраничките на Обрадовиќ намалуваа на три голови (6:9, 9:11), но по истекот на првите 30 минути, Шведска имаше солидна предност од 9:15. Сепак благодарение на одбраните на Катарина Томашевиќ, која го заврши дуелот со 22 одбрани, Србија успеа по само десет минути игра во вториот дел да ја анулира негативата и да го израмни резултатот на 20:20. Последен пат, гостинската селекција беше во предност при резултат 20:22, кога Србија со нова серија од 6:0 направи резултатски пресврт, за водство од 26:22. До крајот разликата во корист на србинките растеше, а мечот заврши со резултат 30:23. Драгана Цвијиќ успеа да постигне пет голови, додека Андреа Лекиќ беше стрелец на еден гол.

Црна Гора стигна до својата трета последователна победа, откако беше подобра на гостувањето против Полска. Со овој триумф, црнагорките избија на првото место на табелата, нанесувајќи им го на Полска првиот пораз во овој квалификациски циклус. Уште на стартот поведоа со 0:2, за последното израмнување да биде во првите пет минути, кога на семафорот стоеше резултат 3:3. Се до 25 минута, избраничките на Јохансон имаа водство кое се движеше од 1-3 голови разлика, а Полска се доближи на само еден гол негатива и намали на 9:10. Од тој период до истекот на првите 30 минути, Црна Гора направи серија од 0:4 и на одмор замина со предност од 9:14. На стартот на второто полувреме беше јасно кој ќе го добие натпреварот кога гостинките со серија од 1:4 поведоа и со 10:18, а имаа и највисоки девет голови разлика (11:20). Немаа проблеми истата да ја задржат до крајот, за да слават триумф со резултат 20:26. Јованка Радичевиќ беше втор стрелец кај Црна Гора со пет голови, додека Кликовац не се запиша во листата на стрелци и играше само во одбраната.

Русија на домашен терен го доби дербито, против репрезентацијата на Романија,  над која славеше со резултат 30:25. Во текот на целиот меч, избраничките на Трефилов имаа предност и на одмор заминаа со водство од 17:15. За овој дуел во составот на Русија, беше  левото крило на Вардар, се работи за Полина Кузнецова која успеа да постигне два гола.