Голема победа за нашиот женски ракометен шампион. Конечно падна Европскиот прва, екипата на Будуќност со наведнати глави замина вечерва од Скопје. Во една интересна завршница, Вардарки имаа фуриозни пет минути, кога успеаа да направат пресврт и да забележат триумф. На прес-конференцијата после мечот, пред медиумите се обратија Индира Кастратовиќ и Сања Дамњановиќ.
-Знаевме што нѐ очекува, ни доаѓа европскиот шампион, никогаш немавме победа и се надевавме и верувавме дека можеме тоа да го направиме. Сакам да ѝ се заблагодарам на публиката која не поддржуваше, беше нашиот осми играч и да се заблагодарам на сите девојки. На прво место ќе ја ставам Дуду, која нѐ носеше цел натпревар, беше одлична, лидер на сите во една тимска игра во 60 минути. Како што кажа Аџиќ, треба да сме горди што имаме вакви екипи од нашите простори и се надевам дека ќе се сретнеме повторно, ама овој пат да играме финале, изјави Индира.
Дамњановиќ искажа задоволство од прикажаната игра и победата на овој тежок натпревар.
-Мислам дека клучот беше тоа што игравме како колектив и ја имавме фантастичната Дуду на голот. Имавме некои грешки во нападот, но тие лоши моменти за среќа не траеја долго и на крај успеавме да победиме. Иако овој меч можеби ништо нема да значи и ќе останеме број три на табелата, јас сум многу среќна, затоа што успеавме да го победиме Будуќност, рече Дамњановиќ.