Со завршниот турнир во женскиот куп на Македонија, кој изминатиов викенд се одигра во С.Ц. Јане Сандански се спушти “завесата“ на уште една натпреварувачка сезона во женскиот ракомет. Вардарки по петти последователен пат ја освоија двојната круна и ја потврдија доминацијата во Македонија. Со финалето против Металург, заврши и ерата на една екипа, која доминираше не само во нашата земја, туку постојано беше и помеѓу најдобрите во Европа. На својот официјален фб профил од Вардар се прости и Јованка Радичевиќ која помина пет сезони во црвено-црниот дрес, во кој освои по пет трофеи во првенството и купот, како и три бронзени и два сребрени медали од Лигата на Шампионите.
И официјално е завршена една преубава приказна, која траеше пет години. Ми претставуваше чест и задоволство да бидам дел од овој клуб, тим, град и држава. Благодарам на сите за поддршката, напиша Радичевиќ.
И нашата редакција од се срце и благодари за придонесот во дресот на Вардар и и посакуваме многу среќа во нејзината понатамошна кариера.