Нашиот женски ракометен шампион трета година по ред обезбеди учество на завршниот турнир во лигата на шампионите. Вардарки во четвртфиналниот двомеч беа подобри од екипата на Ларвик и на тој начин се пласираа на Ф4, кој и оваа година ќе се одигра во Будимпешта. Успеавме да ја оствариме примарната цел, а тоа беше секако овој завршен турнир. Еден од најдобрите наши играчи на двата натпревари со Ларвик, Јованка Радичевиќ за нашиот го искажа своето задоволство од играта на Вардар и пласманот во најдобрите четири екипи во Европа.
Секако дека можеме да бидеме задоволни, веќе трета година по ред сме на завршниот турнир во ЛШ. Колку и некои да не го признаваат ова како успех, мораме да бидеме задоволни и среќни, бидејќи клубови кои имаат голема традиција не се најдоа меѓу четирите најдобри екипи во европа. Мило ми е што Вардар уште еднаш ќе излезе на големата спортска сцена и ќе игра полуфинале во најголемото ракометно натпреварување. Верувам дека сме за една година позрели и поискусни од минатата сезона и свесни сме за предизвикот што не чека.
Со доаѓањето на Давид Дејвис на клупата на ЖРК Вардар, екипата имаше пет последователни победи и само еден и единствен пораз и тоа оној пред два дена, кој немаше значење за нашиот состав.
Имаме квалитет, а со доаѓањето на Дејвис добивме нова енергија и нов колектив, што се покажа на сите натпревари каде тој не предводеше. Против Ларвик на домашен терен завршивме голем дел од работата и со самото тоа потсвесни влеговме малку отпуштено на реваншот во Норвешка, што не смеевме да си дозволиме, бидејќи ако сакаме да ја освоиме лигата на шампиони мораме во континуитет да играме добро.
Во петок ќе биде извлечена ждрепката за полуфиналните натпревари. Желба на Радичевиќ е противник да биде екипата на ЦСМ Букурешт.
Сега имаме време да се подготвиме. Во петок ќе го дознаеме противникот и сигурно дека би сакала тоа да биде Букурешт, но ако го сакаме трофејот мора да ги победиме најдобрите, изјави Јованка Радичевиќ за нашиот сајт.
Звонко Ивановски