На завршниот турнир кај генерација родени 20002/03 година во женска конкуренција победник е екипата на РК Шампион која во финалето ја совлада екипата на РК Делчево. Третото место е за тимот на РК Урдаревски.
Во големото финале се сретнаа екипите на РК Делчево и РК Шампион. Голем беше влогот за двете екипи со оглед дека се играше за првото место во оваа генерација. Од тука и малиот број на постигнати голови. Ниту една од двете екипи не успеа да стигне до предност поголема од еден гол разлика. Сепак Шампион беше тимот кој имаше постојано водство и на полувреме се замина со резултат 5:6. На стартот од вториот дел избраничките на Треноска и Радуловиќ постигнуваат гол за прв пат да имаат водство од два гола (5:7). Цврста игравме гледавме и во второто полувреме, но Делчево успева од 6:8 да го сврти резултатот и да поведе со 9:8. Екипата на Шампион го враќа водството и на две минути пред крај води со 9:10. Во неизвесна завршница победата им припадна на екипата на РК Шампион. Голема победа за тимот предводен од Радуловиќ-Чивлачки и Треноска.
Во борбата за третото место се сретнаа екипите на РК Будимир и РК Урдаревски. На стартот од натпреварот РК Урдаревски имаше водство од 0:3. Првиот гол РК Будимир го постигнува во 5 минута за намалување на резултатот по што следи серија на Урдаревски од пет последователни голови за високи 1:8. Последните два гола од првото полувреме беа за РК Будимир со кои намалија на 3:8, резултат со кој се замина на полувреме. Во второто полувреме, Будимир намали на 6:9, но следи нова серија од 0:3 за Урдаревски за предност од 6:12. До крајот на мечот само го зголемуваа водството, за конечни 8:16. Стефанија Милевска беше најефикасна со 8 погодоци.