Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Викторија Сандева: “Јуниор“ Лигата е многу успешен проект бидејќи децата имаат шанса да ги покажат своите квалитети, истата ми овозможи да настапувам за младинската екипа на Вардар

Викторија Сандева: “Јуниор“ Лигата е многу успешен проект бидејќи децата имаат шанса да ги покажат своите квалитети, истата ми овозможи да настапувам за младинската екипа на Вардар

Дефинитивно најновиот проект на ракометниот клуб Вардар донесе новитети во Македонија за сите деца кои сакаат да се занимаваат со ракомет. Со “Јуниор лигата“ се зголеми интересот за играње ракомет, а токму ова натпреварување им ја исполнува желбата на сите да започнат да се занимаваат со овој спорт. Целта е да се обединат сите ракометни школи од цела Македонија во една лига, а најдобрите играчи да бидат дел од ракометниот клуб Вардар. Истите тие утре можат да бидат и предводници на репрезентацијата кои ќе придонесуваат за големи успеси на европските и светски првенства. Сите услови да бидат тоа што сега го сонуваат, го имаат токму преку Јуниор лигата, која е во целосна организација на најголемиот клуб во Македонија.Викторија Сандева ја имаше можноста да биде дел од ова натпреварување, кое се покажа како голем чекор во нејзината понатамошна кариера.

-Активно почнав да тренирам ракомет пред 1 година. Желбата за ракометот одсекогаш постоеше, но пред извесно време добив шанса да започнам со тренинзи. Започнав во РК Кузман каде наша најголема поддршка и воедно наши тренери ни беа Александра Кизмановска и Александар Савов. Јас во целост ја поддржувам “Вардар Јуниор“ Лигата и сметам дека е многу успешен проект бидејќи децата имаат шанса да ги покажат своите квалитети да се натпреваруваат и воедно да се запознаваат и забавуваат со децата од другите градови од Македонија. “Јуниор Лигата“ за мене беше од голема корист бидејќи имав можност да се покажам и воедно самата да видам до каде сум стигната низ тренажниот процес.

Изминатата сезона Викторија беше дел од екипата на РК Кузман генерација 2000/01 со која го освои треттото место. Таа на крајот ја освои наградата за најдобар голман.

-Како резултат од напорните тренинзи и успешните натпревари на крајот од сезоната бев прогласена за најдобар голман за сезоната 2015/16 година. Со поранешната екипа односно РК Кузман се покажавме одлично на теренот каде што го освоивме третото место. Ми се допаѓаше многу тоа што функциониравме како една целина и успешно успеавме да им се спротивставиме на противниците.

Наградата за добрата сезона беше крунисана со повик за настап во младинскиот состав на Вардар СЦЈС.

-Што се однесува до мене, сум задоволна од моите резултати бидејќи ја остварив својата цел со што и добив повик за настап во младинската екипа. За мене тоа беше неочекувано, но откако поминаа селекциите потајно се надевав дека ќе бидам избрана. Искрено се надевам дека ќе оствариме големи успеси и ќе се покажеме во најдобро светло во претстојните натпревари. Тренинзите предводени од Анжела Платон и Александра Кузмановска се одвиваат со полна пареа и секој од играчите го дава својот максимум, изјави Викторија Сандева за нашиот сајт.

Звонко Ивановски