Monday ,21 April 2025
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Вардар, Ѓер, Будуќност и Ростов Дон “полека“ гледаат кон Будимпешта
Вардар, Ѓер, Будуќност и Ростов Дон “полека“ гледаат кон Будимпешта

Вардар, Ѓер, Будуќност и Ростов Дон “полека“ гледаат кон Будимпешта

Викендов се одиграа првите четвртфинални дуели во ракометната женска лига на шампиони. Победи во првите мечеви остварија екипите на ЦСМ Букурешт, Вардар, Будуќност и Ѓер. Веќе полека се наѕираат учесниците на завршниот турнир во Будимпешта, кои ќе се борат за европската круна.

Првиот натпревар во оваа елиминациска рунда го одиграа екипите на ЦСМ Букурешт и Ростов Дон. Може да се каже дека Романките направија мало изненадување, нанесувајќи му го првиот пораз на Ростов во лигата на шампионите. Инаку претставникот од Русија беше поразен после 12 натпревари во најголемото ракометно натпреварување, каде имаше 11 победи и само еден нерешен резултат. ЦСМ Букурешт славеше минимално на свој терен со резултат 26:25 и најави интересен реванш во Ростов. По првото полувреме Ростов имаше воство од 11:12. Најефикасна во победничкиот тим беше Шпанската репрезентативка Мартин Берангуер со 6 постигнати голови, додека Торстенсон додаде 5 погодоци. Во поразениот им највеќе се истакна Екатерина Илина со 9 гола и Ана Сен со 5. Реваншот е закажан да се одигра на 9-ти април.

Актуелниот европски првак, екипата на Будуќност ја оправда фаворитската улога и славеше на гостувањето кај Баја Маре. Црнагорките немаа поголеми проблеми во мечот и на крајот остварија триумф, изразез со резултат 24:29. Уште по првото полувреме беше најавено кој на крјаот ќе излезе како победник, откако Будуќност имаше недостижни 7 голови разлика. Така Будуќност си ја олесни задачата за пласман на Ф4, уште на првиот натпревар одигран во Романија. Повторно блескаше Кристина Неагу која постигна 8 голови, додека Радмила Петровиќ беше втор стрелец со 5 погодоци. Кај Баја Маре единствена светла точка беше нивниот најдобар играч, Француската репрезентативка и поранешен член на Вардар Алисон Пино, која го заврши дуелот со 7 постигнати голови, кои не беа доволни да се спречи пораз.

Најголема победа на првите чевртфинални дуели забележа нашиот ракометен шампион, кој во својата арена Јане Сандански комплетно го надигра Ларвик и го совлада убедливо со 34:20. Стартот за Вардарки беше како од соништата, фуриозен кој ни го олесна продолжението од мечот. Може да се каже дека со “една нога“ сме веќе на завршниот турнир на најдобрите четири екипи во Будимпешта. Но сеуште е рано за такво нешто, како што изјавуваа од клубот ова беше само прво полувреме, второто е веќе  на 10-ти април во Норвешка.

Само чиста формалност ќе биде и реваншот во Ѓер, каде екипата предводена од Мартин Амброс го демолираше својот најголем ривал во домашното првенство, екипата на ФТЦ Будимпешта. Можеби и тука не се очекуваше некоја од екипите да победи со толку голема разлика, особено ако се знае дека на овој прв меч домаќин беше ФТЦ. Ѓер како да се одмаздуваше за изгубената титула во лигата минатата сезона, токму од овој противник, славејќи со резултат 18:31. Аморим и Локе го предводеа Ѓер со по 6 постигнати голови. Реваншот е закажан да се одигра на 9-ти април

Од остварените резултати може полека да се каже, ако нема поголеми изненадувања, дека Вардар, Ѓер, Будуќност и Ростов Дон ќе се борат за приматот нов ракометен владател на Европа. Сепак да почекаме да се одиграат и реваншите па да се анализираат и сигурните учесници на Ф4 во Будимпешта.