Saturday ,12 October 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Жрк Вардар го симна од тронот Европскиот првак и закажа нов владател
Жрк Вардар го симна од тронот Европскиот првак и закажа нов владател

Жрк Вардар го симна од тронот Европскиот првак и закажа нов владател

Оваа сезона женскиот ракомет дефинитивно ќе добие нов Европски шампион, бидејќи актуелниот до вчера владател беше симнат од тронот, токму од нашите храбри девојки. За малку фалеше и два пати по ред за една недела да ги совладаме Унгарките, но сепак и нерешениот резултат беше доволен за пласман на Ф4. Жрк Вардар втора сезона по ред ќе игра на завршниот турнир во Будимпешта.

Овој натпревар почна како оној во Скопје, со одлични интервенции на Ина Суслина. Ние на почетокот поведовме, но потоа Ѓер го сврте резултатот во нивна корист. Првите три гола во мрежата на домаќинот, беа дело на нашиот најдобар стрелец Пенезиќ која беше вистински лидер на овој меч. Во 15 минута веќе е 7:5, а Пенезиќ повторно не дозволува Ѓер да се одлепи на повеќе од три гола, па намалува на 8:6. Следи мала серија на Унгарскиот првак за веќе предност од 10:6. Питлик и Кастратовиќ се решаваат да повикаат тајм-маут и да ги смират своите избранички. Радичевиќ по два промашени удари, конечно ја прекинува таа серија на непостигнување погодок. До крајот на првиот дел успеваме постепено да ја стопиме разликата, за на полувреме да заминеме со резултат 13:12. Мора да се напомене дека Суслина имаше одлични 25 минути на голот каде забележа 6 успешни интервенции.

Само пет минути ни беа потребни во второто полувреме да го свртиме резултатот во наша корист. Со двата гола на Радичевиќ, најпрво успеваме да израмниме а потоа и да поведеме со резултат 15:16. Од тие моменти на теренот играше само една екипа, тоа беше Вардар. Со одличната на голот Лејно која бележеше одлични одбрани, целосно ја свртевме играта и резултатот во наша корист. Повторно Пенезиќ со своите удари, донесува предност од веќе два позитива 15:17. Дефинитивно Вардарки наметнаа темпо на игра, на кое неможеа да одговорат Унгарките. Пропуштивме голема шанса и за победа на овој меч. Со вториот гол на Лазовиќ имавме предност од 23:26 на четири минути пред крајот. Унгарките успеаа да се вратат, да израмнат дури и да поведат. Алтхаус сепак не им дозволи на Унгарките со победа да ја завршат сезоната во ЛШ, и во последните секунди донесува израмнување. Конечниот резултат беше 27:27

Пенезиќ беше најефикасна со 8 гола, Радичевиќ постигна 5 и Лекиќ 4 голови. Лејно и Суслина покажаа зошто се најдобриот голмански тандем и на овој натпревар.

Големо браво за девојките кои оставија срце на терен и го надиграа во овој двомеч големиот Ѓер, кој после осум години нема да биде дел од еден завршен турнир. Нас ни останува достојно да ги пречекаме овие храбри девојки, кои ќе продолжат напорно да се спремаат за Ф4. Оваа сезона дефинитивно одиме на Европска титула.