Иако Вардар одигра лош натпревар, иако Вардар ништо не играше скоро 40. минути, сепак на крајот нашиот тим победи во Данска кај Митјиланд со резултат 23-24 (16-13). Домашниот тим играше одлично и имаше предност се до 40. минута, кога падна физички и не постигна погодок дури 17. минути. Со оваа победа, Вардар носи еден гол предност во Скопје.
Непрепознатлив, со слаба одбрана и голманки, вака Вардар го одигра првото полувреме во Данска против тимот на Митјиланд. Уште од самиот старт па се до крајот на првиот дел, Вардар имаше негатива и проблеми, па така во 8. минута домашниот тим имаше предност од плус два, 6-4. Резултатската нишалка од два-три предност за домаќинот продолжи и понатаму, во 15. минута Вардар имаше нова негатива од минус два, 9-7. По лошата игра, Парондо и Дибирова го сменија половина тим, но и понатаму не одеше како во одбраната, така и во нападот. Во 20. минута Митјиланд дојде до највисоките плус три, 12-9. Домашниот тим тука не застана, па така во 25. минута дојде дури и до плус четири. До крајот на првиот дел Вардар успеа да намали еден од негативата, за на полувреме да се замине со резултат 16-13.
Техничките грешки на Вардар продолжија и во вториот дел, па така во 35. минута домашниот тим имаше плус три како и на полувремето, 17-14. Решение за Кристијансен Вардар немаше ниту во вториот дел, до 38. минута бекот на домаќинот имаше шест погодоци. Тимот на Митјиланд почна да попушта на средина на вториот дел, но, тоа Вардар не го искористуваше иако на неколку наврати имаше шанса да дојде и до минус еден. Кризата на Митјиланд продолжи, дури 14. минути домашниот тим не постигна погодок, Вардар тоа умешно го искористи и конечно дојде до предност во 51. минута од 21-20 со голот на Хмирова. Во продолжението со седмиот и осмиот гол на Цвијиќ, Вардар дојде до плус тро, 23-20 во 55. минута. Кoнечно, по 17. минути, домашниот тим погоди за 21-23. До крајот на дуелот Вардар постигна уште еден гол, за конечни 23-24.
Најдобар стрелец беше Драгана Цвијиќ со осум голови, додека Лекиќ даде шест, а Радичевиќ имаше четири. Кај домашните се истакнаа Кристијансен и Фрис со по шест погодоци.