Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Втор тим > Ана Станикевска: Тоа што оваа сезона ќе бидам дел од Вардар СЦЈС претставува нов предизвик и нова можност да напредувам

Ана Станикевска: Тоа што оваа сезона ќе бидам дел од Вардар СЦЈС претставува нов предизвик и нова можност да напредувам

Екипата на ЖРК Вардар СЦЈС во новата натпреварувачка сезона ќе влезе подмладена за уште четири нови ракометарки, кои изминатава сезона настапуваа за младинките на ракометниот клуб Вардар. Една од нив е десното крило, Ана Станикевска која треба да внесе нова енергија во оваа екипа на Вардар. И оваа сезона екипата ќе ја гледаме во настапите од Челинџ купот, каде минатата сезона стигнаа до најдобрите осум екипи. Во домашната супер лига направија големо изненадување, завршувајќи на крај на второто место пред екипата на Металург. Во следниов текст ве запознаваме токму со младата ракометарка-Ана Станикевска.

-Желбата за ракомет ја добив преку мојата сестра која долго време се бавеше со ракомет и бидејќи постојано ја следев на натпревари решив и јас да се обидам и така започнав да тренирам. Започнав да тренирам на 8 години во ракометната школа Велкова 5 и мојот прв тренер беше Милева Велкова од кого ги научив основите на ракометот. Ракометот е нешто што го сакам и го играм со љубов и токму поради тоа се надевам дека успехот нема да изостане .

Ана ги има поминато сите младински категории на РК Вардар, клуб кој и овозможува од година во година да се развива во поквалитетен играч.

-Во ракометниот клуб Вардар започнав да играм од мојата 13-та година. Вардар за мене претставува една големина во ракометот, еден бренд кој мене лично ми дава мотив и самодоверба за да се развивам како играч, да бидам се подобра и подобра и да стигнам што подалеку.

Настапувајќи за кадетките и младинките на Вардар, изминативе две години беше вицешампион со црвено-црните.

-Изминативе две сезони можам да се пофалам со навистина добри и квалитетни натпревари на нашиот тим , но за жал во клучните натпревари со тимот од автокоманда спортската среќа не беше на наша страна со што останавме на втората позиција со која сепак се гордееме.

Ова е нова “епизода“ во ракометот за Ана Станикевска, која со потпишувањето за вториот тим на ЖРК Вардар прави голем чекор во нејзината играчка кариера.

-Тоа што оваа сезона ќе бидам дел од Вардар СЦЈС претставува нов предизвик и нова можност да напредувам, затоа што ќе тренирам со повозрасни и поискусни од мене, изјави Ана Станикевска за Вардар Фанс.

Звонко Ивановски