Женската ракометна репрезентација на Македонија доби тешка задача во бараж натпреаварот за пласман на светското првенство кое во 2017 година ќе се игра во Германија. Избраничките на Симе Симовски ја добија осмата сила од последното европско првенство кое својот крај го имаше во текот на вчерашниот ден, на кој домаќин беше селекцијата на Шведска. Токму оваа репрезентација ќе биде наш противник во баражот за пласман на СП.
Првиот натпревар против Шведска треба да се одигра во Македонија во периодот од 9-11 јуни, а реваншот на гости е од 13-15 јуни. Оваа репрезентација покажа одлични игри на ЕП, а нивен предводник е Изабел Гулден. Да потсетиме дека Македонија преку квалификациски турнир се избори за овој бараж натпревар. На тој турнир ги победивме Фарски Острови и Исланд, додека бевме поразени од селекцијата на Австрија.