Покрај репрезентацијата на Црна Гора, подготвителни натпревари за настапот на олимписките игри во Рио, имаат и селекциите на Франција и Норвешка во кои се наоѓаат ракометарки на Вардар.
Репрезентацијата на Франција на контролен меч беше поразена од селекцијата на Шпанија. Конечниот резултат на овој дуел гласеше 21:17 во корист на “фуријата“. Амнадин Лејно и новото засилување за Вардарки, Лакрабер беа дел од овој натпревар. Лејно го бранеше голот на Франција едно полувреме, забележувајќи шест одбрани, додека Лакрабер го заврши натпреварот со три постигнати голови.
На истиов турнир игра и селекцијата на Норвешка, во чиј состав се наоѓа новото крило на Вардар, Камила Херем. Нејзината репрезентација успеа да забележи убедлив триумф против Романија, со резултат 31:21. Херем го заврши мечот со пет постигнати голови.
Познато е дека шест ракометарки на Вардар, со своите селекции ќе бидат дел од олимписките игри во Рио. Се работи за Радичевиќ, Кликовац ( Црна Гора), Лејно и Лакрабер ( Франција) , Песоа ( Бразил) и Херем ( Норвешка).