Ракометарките на Вардар СЦЈС стигнаа до нова победа во најсилната супер лига. Денес во малата сала на спортскиот центар Јане Сандански, избраничките на Симе Симовски одиграа натпревар против екипата на Гевгелија. Истиот го добија убедливо во своја корист со резултат 35:18.
Само во првото полувреме, гостинот беше рамноправен противник, кога по 30 минути игра резултатот на семафарот гласеше 13:12. Гевгелија многу подобро го започна овој меч и до 17 минута беше во постојано водство. Вардарки вториот гол го постигнуваат дури по 11 минути игра, кога намалија на 2:3. Во овој период од мечот гледавме малку погодоци на двете страни. Во 13 минута противникот стигнува и до највисоки 2:5, што беше причина за тренерот Симовски да повика тајмаут. Неможевме вечно да бидеме неефикасни, па како течеше првиот дел полека започнавме да ги консолидираме нашите редови. Првото израмнување се случува во 18 минута, кога резултатот гласеше 7:7. Набргу со првиот гол на Ива Божиноска за прв пат на мечот стигнуваме до предност од 8:7. Од тие моменти го презамавме водството, кое не дозволивме веќе да го испуштиме. Со голот на Сара Митова на четири минути пред крајот на првото полувреме имаме два гола предност 11:9. Нолевска постигна гол за 13:11, но последниот гол во првиот дел им припадна на гостинките. Резултатот по првиот дел беше 13:12.
Во второто полувреме гледавме многу поинаква слика на натпреварот. Вардарки на стартот отворија со серија од шест последователни голови за веќе највисоки 18:12. Првиот гол во вториот дел, Гевгелија го постигнува во 37 минута, за момент да го намали резултатот. Сите дилеми околу конечниот победник беа решени во 45 минута кога за прв пат стигнавме до двоцифрена предност од 24:14. Одбраната функционираше беспрекорно, на голот ја имавме одличната Драгана Петковска која исфрлаше топки за брзите крила на Вардар. Тоа го користе Нолевска и Прленда кои константно го полнеа противничкиот гол. Со вториот гол на Божиноска стигнуваме до водство од 29:15. Последниот период од мечот беше само рутина за нашиот состав. Уште млада ракометарка, Ана Станикевска се запишува во листата на стрелци, за резултат од 32:17. Погодува од брз контра напад и Анастасија Николовска, за конечен резултат од 35:18.
Наташа Нолевска беше наша најефикасна ракометарка со 12 голови. Клаудија Георгиевска беше втор стрелец со 7 погодоци. Ова беше петта победа за вториот тим на ЖРК Вардар во најсилната супер лига.
ВАРДАР СЦЈС: Прленда 5, Стојановска 1, Трпковска, К. Георгиевска 7, Митова 3, Бојаџиска, Тодоровска, Нолевска 11, Станиќевска 2, Петковска, Керамитчиева, М. Георгиевска, Мишевска, Божиноска 2, Николовска 1, Гичевска 3.