Нашиот ракометен шампион ја забележа и втората победа на контролните мечеви со Данската репрезентација. Овој пат многу поубедливо за разлика од првиот меч, со истиов противник. Иако до првата половина на натпреварот скандинавките имаа постојана предност, до крајот на првото полувреме Вардарки одиграа подобро и го преземаа водството во своја корист. Така на полувреме заминавме со солидни три гола позитива 16:13.
Конечниот удар за триумфот нашите девојки го зададоа на почетокот на вториот дел, кога направивме серија од неколку погодоци, што ни овозможи да ја дуплираме стекнатата предност. Данска немаше одговор за нашата игра во овој дел од натпреварот, кога црвено-црните играа разновидно во нападот и цврсто во одбраната. Питлик и Кастратовиќ повторно им дадоа шанса да влезат на теренот на сите ракометарки кои беа на располагање за овој контролен меч. До самиот крај ја одржувавме позитивата од шест голови, која само ја зголемивме во последните пет минути од дуелот. Конечниот резултат беше 35:26 во корист на нашиот шампион.
Овие два пријателски натпревари со репрезентацијата на Данска, беа последна подготовка и проверка за формата на тимот, пред почетокот на возбудувањата во лигата на шампионите. Најефикасна во нашиот состав беше Сања Дамњановиќ со 6 постигнати голови. Хмирова и Лекиќ додадоа по 4 погодоци. Својот деби гол го постигна и Сара Ристовска, која го заврши мечот со вкупно 3 голови.