Вардар стигна до нова победа во Лигата на Шампионите, вкупно осма последователна за нашите девојки, а втора во главната фаза. Убедливо совладан германскиот тим, Битигхајм, кој капитулираше пред нашиот шампион, со дури 12 голови разлика ( 26:38).
Во првите десет минути од натпреварот се играше гол за гол и двете екипи се менуваа во водство. Лејно добро започна на голот и во овој дел од мечот имаше три одбрани. На средината на првото полувреме, Битигхајм со мини серија успева да стигне до два гола разлика (8:6), што значеше минута одмор за Вардарки, тајмаут што го побара тренерскиот тандем, Дибирова и Парондо. Советите дадоа резултат, па во следните пет минути постигнуваат четири последователни голови, од кои дури три во серија беа на Андреа Пенезиќ, за прв пат црвено-црните да имаат водство од два гола (8:10). Намали за момент домашниот тим на 9:10, но следи нова серија на Вардарки од 0:3, за два последователни голови да бидат дело на Радичевиќ и веќе нашиот тим се одлепи на 9:13. И во следните минути имавме контрола на играт, кога поведовме со највисоки пет голови (11:16), но во последните минути од мечот направивме неколку грешки, што им овозможи на Битигхајм да постигне три голови во серија и на одмор да замине со достижна негатива од 14:16.
Вториот дел започнува со серија на Вардар од 0:3, откако противничката мрежа ја тресеа Цвијиќ, Лазовиќ и Кузнецова, за кратко време да ја вратиме нашата најголема позитива (14:19). Одлична е Лејно и во овој дел од натпреварот, стигнувајќи до својата осма одбрана, а Вардар има веќе предност и од шест голови (18:24), откако Цвијиќ го постигна својот петти гол во 40 минута. Противничкиот тренер продолжи со играта 7 на 6, но тоа не им донесе намалување на негативата. По неколку пропуштени шанс, конечно Вардар успева да стигне и до најголеми седум голови ралика (20:27), со четвртиот гол на Кузнецова. Нашиот шампион си поигрува со противникот и по неколку минути стигнува до двоцифрена предност од 20:30, а Пенезиќ во тој момент е најефикасна на мечот со 7 голови. До двоцифрен број на одбранети удари стигна и Лејно, а нејзините соиграчки се изнадаваа празни голови. На крајот убедлива победа изразена со резултат од 26:38.
Андреа Пенезиќ постигна 8 голови, додека Цвијиќ 7. По 6 гола беа дело на Лекиќ и Кузнецова. Вардар имаше поддршка и од голем број на македонски иселеници во Германија.
Со оглед дека Мец го доби дуелот со ФТЦ, сега единствен конкурент за првата позиција на Вардар е само тимот на Мец. После ова коло бодовната разлика со французинките останува четири бодови, додека на ФТЦ и Будуќност им бегаме дури шест бодови.