Изминатиов викенд се одигра второто коло во новоформираните групи 1 и 2 во женската лига на шампиони. За нас интересна е првата група, каде се натпреварува ЖРК Вардар. Тие повторно победија, овој пат против Мец, додека триумф забележаа и екипите на Будуќност и ФТЦ.
Вардарки стигнаа до својата седма последоватлна победа во ЛШ, со што поставија нов клупски рекорд. Иако Мец даде достоен отпор сепак на крај успеавме да славиме. Имавме и највисоки шест голови разлика 20:14, но работите се искомпликуваа откако Мец направи серија и намали на 22:21. Сепак во последниот напад, противникот за наша среќа ја погодои пречката, топката стигна до Радичевиќ која го погоди празниот гол за конечни 23:21. Дамјановиќ постигна 5 гола, додека исто толку погодоци кај противникот беа дело на Грос.
После поразот од Вардар, екипата на Будуќност стигна до првата победа во главната рунда. Избраничките на Драган Аџиќ славеа против најмладиот тим оваа сезона во лигата на шампиони, тоа е Астраханочка од Русија. Уште по првото полувреме беше познат победникот кога со четири последователни голови, шампионот на Црна Гора имаше убедливо водство од 9:18. Само во првите три минути од мечот се играше гол за гол, кога резултатот на семафарот беше 2:2. Неагу и Ирман погодија за 2:4 и од тој момент започна Будуќност резултатски да се одлепува од противникот. Во 9 минута имаа и предност од 3:7, но за момент екипата на Астраханочка го намали водството на 5:7. Сепак до крајот на првиот дел со неколку серии, избраничките на Аџиќ создаваа водство кое до крајот на првото полувреме се повеќе се зголемуваше. Имаа предност од 17:12 и 9:14за со серија од 0:4 на одмор да заминат со резултат 9:18. По само пет минути игра во вториот дел имаа двоцифрена предност од 10:20. Предноста на Будуќност се повеќе растеше, за во 45 минута да имаат највисоки 16 голови разлика (13:29). На крајот резултатот гласеше 21:34. Кај победникот, Неагу постигна 8, додека кај Русинките се истакна Сабирова со 7 погодоци.
ФТЦ Будимпешта стигна до својата втора последователна победа, откако на домашен терен го победи Турингер. Заслужена победа за Унгарките кои во текот на целиот меч имаа постојано водство и контрола на резултатот. По првото полувреме имаа водство од 15:10, предност која во вториот дел константно ја зголемуваа за крај да слават убедливо со резултат 32:24. Дури четири ракометарки кај ФТЦ беа стрелци на четири голови. Оваа екипа се повеќе ги зголемува шансите за висок пласман на крајот од главната рунда од ЛШ, иако допрва ги очекуваат натпревари против Будуќност, каде ќе се решава најверојатно втората позиција на табелата.
Вардар останува на врвот на табелата и после одигрување на ова коло:
1. Вардар 11
2. ФТЦ 9
3. Будуќност 8
4. Мец 4
5. Турингер 4
6. Астраханочка 0
Двојки за следното трето коло се:
Турингер – Вардар 12.02.17
Будуќност- ФТЦ 12.02.17
Мец – Астраханочка 11.02.17