Екипата на ЖРК Вардар денес со почеток од 15 часот ќе го одигра третото коло од лигата на шампиони. Црвено-црните ќе гостуваат во Русија, на екипата на Астраханочка. После нерешениот резултат против ФТЦ Будимпешта (27:27), нашите девојки одиграа одличен натпревар против тимот на Лајпциг, покажувајќи со своето вистинско лице, кога славевме со убедливи 41:24.
Денешниот противник минатата сезона беше шампион на Русија, интересно тоа беше нивна прва титула во историјата на овој клуб. Најзаслужен за тоа беше селекторот на Руската репрезентација, легендарниот Евгениј Трефилов кој дојде на полусезона и успеа да ги победи најдобрите домашни екипи. Најпрво во полуфиналето беа подобри од екипата на Лада Тољати додека во финалето во два меча изненадувачки го совладаа најголемиот фаворит, Ростов Дон. Сепак во Астраханочка не цветаат “розите“, што може да се види според заминувањето на тренерот Трефилов и неколку други квалитетни ракометарки. Најголема опасност кон голот на Вардар на денешниот дуел ќе биде левиот бек Људмила Постнова. По првите две одиграни кола имаат една победа против Лајпциг и пораз од ФТЦ Будимпешта.
Вардар е апсолутен фаворит и се освен победа ќе претставува изненадување на денешниот меч. Во составот ќе недостасуваат Суслина и Андреа Лекиќ која сеуште се опоравува од повредата. Очекуваме да ја повториме добрата игра од мечот со Лајпциг и да додадеме нови бодови.