Вардарки со победа против Хипо ја заокружија првата групна фаза во лигата на шампиони. Нашиот женски ракометен шампион оствари вкупно четири победи и два порази и со осум освоени бода заврши на второто место во групата Ц. На два пати бевме поуспешни од екипите на Митјиланд и Хипо, додека во дуелите со Ѓер бевме поразени.
Она што е поважно е дека во следната групна фаза на натпреварување, пренесуваме четири бодови. Веќе се формираа следните две групи 1 и 2, од кои понатаму ќе се бараат патниците во 1/4 рунда. Екипата на Жрк Вардар ќе биде во групата 2, заедно со екипите на Ѓер, Митјиланд, Будуќност, ЦСМ Букурешт и Савехоф. Во оваа новоформирана група, европскиот првак Будуќност ќе започне од првото место со вкупно 7 бодови, Букурешт и Ѓер имаат по пет бодови, Вардар со 4, Митјиланд со 3 и Савенхоф без ниту еден бод ќе стартува од последната позиција.
Во следната елиминациска фаза, односно во 1/4 ќе поминат првите четири пласирани екипи од двете новоформирани групи. Во наредниов период претстои подолга пауза во лигата на шампиони во женска конкуренција. Причина е одигрувањето на светското првенство, кое ќе се одржи во Данска. Првиот меч во групата 2, Вардарки ќе го имаат во периодот од 8-10 јануари, кога во Ј. Сандански ќе пристигне тимот на Букурешт. Дербито во оваа група ќе биде помеѓу Будуќност и Ѓер. Второто коло ќе биде во знак на мечот во Подгорица помеѓу Будуќност и Вардар. Во другата група 1, се наоѓаат Ростов Дон кој е единствениот со максимален број на освоени бодови, потоа ФТЦ, Ларвик, Флери, Турингер и Баја Маре.