Екипата на ЖРК Вардар со висока победа се враќа од гостувањето кај екипата на Стружанка, откако славеа со резултат 24:34.
Во првите пет минути од натпреварот се играше гол за гол на двете страни, а во продолжение од натпреварот двете екипи се менуваа во предност. Домашниот тим поведе со 5:4, за вардарки да направат серија од 0:3 и да поведат со 5:7, но домашниот тим во еден од момент од првиот дел имаше и водство од 12:10. Избраничките на Александар Царчев заиграа подобро во последните осум минути од првиот дел, најпрво со три гола во серија поведоа со 12:13, за на полувреме да имаат и предност од 14:17.
По само шест минути игра во вториот дел, екипата на Вардар се одлепи на највисоки седум гола разлика, резултатот на семафорот беше 16:23, па беше јасно во кој правец ќе оди натпреварот до крајот. Стружанка немаше сили за нешто повеќе, освен што намали во еден момент на 20:26, но вардарки повторно направија серија од 0:3 и имаа висока предност од 20:29. До крајот се беше рутина за нашиот состав кој славеше триумф со резултат 24:34.
Најефикасна во нашиот состав беше Сара Стефаноска со 7 голови, Бојана Диневска имаше 6, Ивона Трпевска запиша 5 голови, додека Нина Попова имаше 4 голови. На голот, одлична беше Андреа Илиќ со 20 одбрани, додека Јована Трајкоска имаше 2.
До крајот на сезоната останува да се одигра уште едно коло.