Денес во големата сала при Спортскиот центар “Јане Сандански“ во Скопје започна со одигрување 4-то коло во ракометната Вардар Јуниор лига. На програмата кај дамите во генерација 2006/2007 имаше една средба во која тимот РК Кале Вардар лидерот на табелата дојде до победа.
Во единствениот женски натпревар денес екипата од Кичево, РК Кале Вардар го совлада скопскиот тим на РК Будимир Вардар со резултат 15-13. Првиот дел започна со по еден гол за почетни 1-1, потоа резултатската симетрија на семафорот се појави уште два пати, при 2-2 и на 3-3. Со два гола во серија девојките од Скопје се одлепија на 3-5, но тимот од Кичево влезе во серија. Со 5-1, во низа тие го преземаа водството и поведоа со два гола, 8-6. На одмор се замина со 9-7 за екипата на Кале Вардар.
Во вториот дел РК Будимир Вардар со два врзани гола во првите две акции изедначи на 9-9. Следеше серија 4-0 на екипата од Кичево која се одлепи овој пат на 13-9, но скопските црвено-црни дами не се предаваа. Тие со иста таква серија изедначија и успеаа да дојдат на 13-13 пред почетокот на последните минути. РК Кале Вардар уппеа со два гола да ја обезбеди победата на оваа средба и триумфираше со 15-13.