Вардарки гостуваа во Куманово кај истоимената екипа во плеј-офот. На средбата која се одигра попладнево домаќинот, ЖРК Куманово дојде до победа со резултат 32-28. Ние одигравме квалитетно во поле, се боревме во поголем дел од дуелот, имаше чудни судиски одлуки како што веќе е “традиција“ на овие гостувања.
Домаќинот победи со 32-28, кај нас се истакна голманскиот двоец Грујовска-Трајкоска според постигнатите бројки.
Ние поведовме со головите на Петковска Мими и Николиќ Милица на почетокот најпрвин со 0-1, а потоа и со 1-2. Домаќинот потоа се одлепи на 6-3 во овој период од дуелот. Вардарки со одлична игра во одбраната, интервенции на Грујовска Симона и добар атак успеаа да изедначат на 7-7 со серија 1-4. Во последните моменти влеговме со предност од еден гол, откако за 13-14 погоди Фани Ѓорѓиевска. Со овој резултат заминавме на одмор на оваа средба од плејофот.
Противникот вториот дел го отвори со гол за предност, ние вративме преку Седлоска Андреа за изедачување 15-15. Се играше потоа гол за гол се до резултат 20-20. Домаќинот успеа да се одлепи на три гола, делумно со судиска асистенција, 25-22. Потоа со добра игра ние успеавме домаќинот да го потиснеме и дојдовме само на гол негатива, 26-25. Сепак тие помогнати од неколку судиски чудни одлуки успеаа да победат со 32-28. Овој пораз нема голема тежина поради тоа што не бркаме ништо во лигата, нашиот фокус е целосно на Купот на Република Македонија идната недела.
Кај нас се истакна голманскиот двоец, Јована Трајкоска И Симона Грујоска кои дојдоа до 17 одбрани. Трајкоска впиша десет, Грујовска зад своето име имаше успешни седум интервенции. Седлоски погоди шест пати, гол помалку односно пет имаше Николиќ Милица.