Откако на чело на ракометните црвено-црни клубови дојде рускиот сопственик, господинот Сергеј Самсоненко многу работи тргнаа во позитивна насока. Покрај тоа што добивме спортски центар “Јане Сандански“ каде сите потреби се задоволени на првотимците станавме единствен клуб кој има сала на располагање само на младите категории, а тоа е С.р.ц “Кале“. Сепак тоа ни одалеку не беше се клубот реши да создаде регионални школи ширум земјава, а подоцна и своја лига. Тука клубот се реши на одличен проект ракометната “Вардар Јуниор лига“. Истата изминатава сезона за првпат беше активна, во неа стотици деца од регионалните школи се сретнуваат и натпреваруваат со своите врсници усовршувајќи ги своите ракометни вештини, учејќи нови работи за ракометната игра. Една од нив беше Ана Звездакоска кој минатата сезона ја помина како дел од РК Филип-Вардар и Академија 1.
-Јас сум Ана Звездакоска од Прилеп, ученичка во 9-то одделение во ОУ „Блаже Конески“ Прилеп. Ракомет тренирам три години во клубот „Филип – Вардар“ од Прилеп кај тренерот Александар Таневски. Иако и претходно тренинзите ми беа задоволство, сега преку “Јуниор лигата“ имаме многу подобри услови и можности за напредување. Со нетрпение го чекам и гледам секој натпревар на ЖРК Вардар, а омилена ракометарка ми е Андреа Лекиќ.
-Проектот “Јуниор“ лига наиде на прифаќање од голем број на ракометни школи кои се дел од ова натпреаврување.
-Мислам дека е одлична идеја и дека тоа ќе допринесе за полесно откривање на талентираните ракометари. Исто така редовните тренинзи и натпревари допринесуваат за константно одржување на формата и наше надградување како спортисти.
Ана паралелно настапуваше и за екипата на Академија 1 која беше составена од играчи од неколку различни школи. Тие на крај успеаа да стигнат до првото место во својата генерација.
-Првата сезона за мене и мојата екипа помина одлично. Јас бев дел од екипата „Академија 1“ која што беше составена од девојчиња од различни градови и играв на позиција лево крило. Во изминатата сезона ние постигнавме одличен резултат и го освоивме првото место во генерацијата 2002 и 2003 за девојчиња.
На почетокот на месец јануари се одржува и турнир “Вардар еден живот, една љубов“, на кој се натпреваруваат и некои од екипите кои се дел од “Јуниор“ лигата.
-Натпреварите во “Јуниор лигата“ овозможуваат да се пробаат тактиките кои се вежбаат на тренинзите и да се види на кои делови треба повеќе да се работи за да се подобрува формата во текот на целата година. Во зимскиот период се организира и тридневен турнир на кој може да ја почувствуваме турнирската атмосфера што ја доживуваат и првотимките на ЖРК Вардар. Би сакала да ја искористам оваа прилика да ги повикам сите заинтересирани, да се приклучат на овој проект и да ја почувствуваат атмосферата и целата организација.
Во новата сезона “Јуниор лигата“ ќе биде збогатена за уште неколку ракометни школи кои се приклучија во лигата.
-Иако немавме можност да тренираме заедно, затоа што екипата беше составена од играчи од повеќе градови, мислам дека одлично се снајдовме и не доживеавме ниеден пораз. Во новата сезона очекувам да бидеме уште подобри, лигата да е помасовна и се надевам дека ќе го повториме успехот од минатата година.
Новитет оваа сезона ќе биде играњето на натпревари и во другите градови низ Македонија. Минатата сезона сите мечеви се играа во Скопје, во спортскиот центар Јане Сандански и на Кале.
-Мислам дека некои од натпреварите треба да се играат и во другите градови во Македонија. На тој начин на нашите натпревари ќе можат да присуствуваат поголем број на гледачи, а во исто време уште повеќе ќе се популаризира ракометот помеѓу младите во целата држава, изјави Ана Звездакоска за нашиот сајт.
Звонко Ивановски