Денес од фудбалскиот црвено-црн колектив ја известија јавноста за тоа дека Бобан Бабунски во иднина и официјално ќе ја извршува функцијата шеф на стручниот штаб на Вардар. Вардар и Бабунски се договорија на соработка во траење од една година, односно до завршувањето на идната сезона 2018/2019. Исто така се обзнанија и решенијата за пополнување на стручниот штаб, онака како се очекуваше и како што ве известивме. Понатаму во информацијата се вели:
Во минатото Бабунски како играч беше дел од Вардар, а до прифаќањето на новата улога, беше дел од Фудбалската Академија на нашиот клуб.
Од младинската школа на „црвено-црните“ во стручниот штаб на првиот тим се приклучуваат тренерите Владимир Колев, Сашо Тодоровски и Раденко Бојовиќ, кои ќе му бидат асистенти на Бабунски. Досегашниот асистент тренер Александар Васоски и тренерот на голманите Саша Илиќ и натаму ќе бидат дел од стручниот штаб на сениорскиот тим на Вардар.
Бабунски веќе беше на клупата на нашиот тим во финишот на штотуку завршената сезона и го водеше тимот на последните девет натпревари од првенството во кое Вардарци завршија на второто место на прволигашката табела, и обезбедија пласман во квалификациите за Лигата на Европа.