Втората екипа на Жрк Вардар се врати повторно во Скопје, каде од денес продолжува со тренинзи и припреми за новата натпреварувачка сезона. Претходно девојките беа на подготовки кои траеа осум дена и се одвиваа на Копаоник. Секој ден се тренираше по два пати, во поголемиот дел се работеше на физичка и кондициона подготовка на тимот. Избраничките на Симе Симовски имаа можност да одиграа пријателски натпревар со екипата на Ниш, каде беа поразени со три гола разлика. Во петокот се вратија во Скопје, викендов имаа слободни денови и веќе од денес продолжуваат да тренираат во малата сала во спортскиот центар Јане Сандански.
Овој состав летово го засилија две ракометарки кои минатата сезона беа дел од првиот тим на Жрк Вардар. Се работи за Сара Митова и Симона Стојановска кои од оваа година ќе настапувааат за вториот тим. Од оваа сезона ќе има единстена женска супер лига со вкупно девет екипи кои ќе се натпреваруваат во домашната лига. Во првото коло Вардар јуниор ќе гостува во Кичево на истоимената екипа. Сеуште не е одреден точниот датум на започнување на супер лигата за сезна 2015/2016. Учество во плеј-оф ќе обезбедат првите четири пласирани екипи, на кои ќе им се приклучи и Жрк Вардар.