Во првиот натпревар на домашен терен во 2019, младинките на ЖРК Вардар ја пречекаа екипата на ЖРК Стружанка. Девојките на Симовски Симе и Царчев Александар успеаа да го задржат врвот во лигата со нова победа, втора оваа полусезона. Црвено-црните дами им одржаа “ракометна лекција“ на гостинките и ги совладаа со резултат 35-20 (17-11).
Отворивме со голот на Милица Николиќ која отвори во 2.минута со погодок за 1-0. Нашата одбрана беше на ниво на почетокот, девојките одиграа одлично, Грујовска Симона врза неколку интервенции помеѓу кој и еден седмерец. Тоа беше наградено во напад, “стрелаа“ по еднаш Николиќ и Петковска Мими, а видовме и две брзи контри Ивона Трпевска со што отидовме на високи 5-1. Потоа двата тима постигнаа по два гола во двете мрежи за резултат 7-3. Најголемата предност од шест гола ја имавме во 13.минута кога по двата силни удари од бековаска позиција, погоди Николиќ за предност со 10-4.
Гостинките имаа период во продолжение во кој беа подобар противник, тие со мини серија 2-4 успеаа да намалат на 12-8 во 21.минута од овој дуел. Во продолжение имавме две исклучувања, сепак успеавме да играме гол за гол па со резултат 15-11 влеговме во 28.минута. Со тројната интервенција на Трајкоска Јована, и со погодоците на Ѓорѓиевска Стефанија и капитенот Диневска Бојана се одлепивме на 17-11, резултат со кој се замина на одмор.
Вториот дел го отворивме со гол на Фани Ѓорѓиевска, со нејзиниот погодок првпат поведовме денес со седум гола позитива, 18-11. Бевме подобар тим во воедните 10.минути, па успеавме точно на истекот од 40.минута да поведеме со двоцифрена предност. Ана Марија Божиновска одзема една топка во дефанзива, одлично асистираше до Мирјана Петковска која погоди за предност со десет гола, 23-13. Во следната третина од дуелот ние продолживме да доминираме, игравме одлично во одбрана, во напад казнувавме и успеавме во последните 10.минути да влеземе со 13.гола позитива. На семафорот во Спортскиот центар “Јане Санднански“ стоеше 29-16 по погодокот од пенал на Горздановска Ангела. Се до крајот беше рутина, имаше само едно отворено прашање на оваа средба, колкава ќе биде разликата со која ќе го впишеме новиот триумф во младинската лига. Победата дојде со резултат 35-20.
Кај нас најголеми бројки зад своите имиња имаа голманките Трајкоска и Грујовска. Дуелот го започна на голот, Симона Грујовска која имаше седум одлични интервенции од кој еден седмерец, Трајкоска Јована потоа го зазема нејзиното место и дојде до 9 одбрани, исто така таа одбрани удар од пенал. Трпевска Ивона впиша шест погодоци, Ангеловска Кети и Петковска Мирјана погодија по 5 пати. Три девојки имаа број “4“ во статистиката за стрелци: Ана Марија Божиновска, Николиќ Милица и Стефанија Ѓорѓиевска.