Игор Карачиќ, миленикот на Вардаровите навивачи, кој заедно со Стоилов има најдолг стаж во Вардар се уште не знае дали ќе остане во Скопје, со оглед дека неговиот договор со клубот истекува на крајот од сезоната. Во интервју сајтот на СЕХА-лигата, средниот бек зборуваше за неговото доаѓање во Скопје, дека имал понуда и од Металург, но сепак го одбрал Вардар, а главен „виновник“ бил Веселин Вујовиќ.
-Кога дојдов тука, Вардар не беше познат тим, но беше клуб со богата историја и традиција. Тренерот Веселин Вујовиќ беше причината што решив да дојдам. Во тоа време се борев со тешка повреда на рамо и покрај останатите понуди, од кои имв и од Металург, решив да се приклучам на Вардар. Вујовиќ ми рече дека е подготвен да ме почека, бидејќи знаеше за моите квалитети. После тоа, кога дојде Сергеј Самсоненко, навистина немаше причина да заминам.
Што Карачиќ научи од сите тренери со кои имаше можност да работи во Вардар и по што ќе ги запамети.
-Од Вујовиќ тоа дефинитивно е мотивацијата и борбениот дух. Од Кастратовиќ поврзаноста која тој ја имаше со секој играч. Од тренерот Раул неговата длабока и темелна анализа и од Парондо неговата смиреност и аналитика. Шпанските тренери се многу слични.
Она што најмногу ги интересира фановите на Вардар, дали Карачиќ и во следната сезона ќе го гледаме во Скопје, на кое тој се уште не може да даде одговор.
-Се уште не можам да одговорам на тоа. Вардар има посебно место во моето срце, ова е мојот дом и не би ми пречeло да останам тука за цел живот. Сепак, не можам да одговорам на вашето прашање се уште.