Sunday ,24 November 2024
Последни:
Home > Slider > Првата битка започнува во Загреб, Вардар тргнува во борба за пласман во 1/4 финалето на ЛШ
Првата битка започнува во Загреб, Вардар тргнува во борба за пласман во 1/4 финалето на ЛШ

Првата битка започнува во Загреб, Вардар тргнува во борба за пласман во 1/4 финалето на ЛШ

Вечерва Вардар ја започнува битката за пласман во четвртфиналето од Лигата на Шампионите. Загреб е домаќин на првиот дуел, кој може да даде појасна слика околу патникот во следната елиминациска рунда, иако сите дилеми ќе бидат разрешени на реваншот за седум дена во Скопје.

Двете екипи многу добро се познаваат од натпреварите во СЕХА-лигата, каде досега имаат одиграно вкупно 23 натпревари. Од нив 14 натпревари завршиле во корист на Вардар, во осум наврати како победник излегол Загреб, додека само еден меч завршил со нерешен резултат. Што се однесува до меѓусебните натпревари во Лигата на Шампионите, двете екипи до овој меч одиграле вкупно 10 натпревари, а првите мечеви датираат од далечната 2002 година, кога тогашната Вардар Ватростална ги има загубено првите два дуели против Шампионот на Хрватска. Вардар и Загреб имаа можност да бидат дел од заедничка група во последните две сезони во најголемото натпреварување. На последните четири меѓусебни мечеви, Вардар има позитивен биланс од три победи, додека Загреб успеал да не совлада пред две сезони и тоа во истава сала, кога остварија минимален триумф, додека црвено-црните го имаат добиено последниот меч на теренот на противникот. Што се однесува оваа сезона на мечевите од СЕХА-лигата, одигравме два натпревари, од кои по една победа им припадна на двете екипи и тоа пред своите навивачи, факти кои говорат дека екипите добро се познаваат меѓу себе, па вечерва не очекува вистинско балканско дерби.

Загреб од почетокот на новата година има нов тренер, се работи за Бранко Тамше, голем стратег и поранешен тренер на екипата на Целје П.Л. Словенецот го наследи Червар на клупата и успеа да го донесе Загреб до најдобрите 16 екипи во ЛШ. Во најсилната група Б, нашиот денешен противник заврши на шесттото место, имаа учинок од 4 победи, 3 нерешени резултати и 7 порази, од кои три беа пред своите навивачи. Најдобар стрелец на екипата е капитенот Златко Хорват кој има постигнато 73 голови, додека втор најефикасен играч е десниот бек, Иван Сршен со вкупно 55 погодоци. На голот ги имаат искусниот Радивоје Ристановиќ, како и младиот надежен Урх Кастелиќ, кои исто така се потенцијална опасност за нашиот состав.

Кај Вардар радува фактот што во составот се враќаат Вуко Борозан и Кристијан Дисингер, кој заработи повреда на последниот меч од групната фаза против Монпелје, повреда која на прв поглед изгледаше застрашувачка, сепак германецот ќе биде подготвен за вечерашниот дуел, а истото важи и за Борозан кој ги пропушти последните два натпревари. Единствено ќе недостасува Сергеј Горбок, за кој има некакви најави дека можеме да го видиме во составот, за реванш мечот во Скопје. Со останатите играчи е во најдобар ред, па Парондо речиси во најсилен состав ќе излезе на вечерашниот дуел против Загреб.

Натпреварот стартува од 20:30 часот, истиот можете да го проследите со директен пренос на Арена Спорт 2. Од домаќинот најавуваат полна арена, што е уште еден предуслов да гледаме вечерва одличен ракомет, со надеж дека Вардар со позитивен резултат ќе го заврши првиот осминафинален дуел.