Monday ,21 April 2025
Последни:
Home > Slider > Машкиот и женски ракометен тим на Вардар денес ќе играат во големото финале на Купот

Машкиот и женски ракометен тим на Вардар денес ќе играат во големото финале на Купот

55-2

Машкиот и женски ракометен тим на Вардар денес ќе играат во големото финале во купот на Македонија и ќе се обидат да ги одбранат трофеите од минатата сезона.

Во машкото ракометно финале ќе гледаме реприза од минатата година, кога во спортската сала „Младост“ во Битола, црвено-црните токму со трумфот (30:26) против Металург во големото финале стигнаа до својот 13.трофеј во ова натпреварување. Со изменети состави од минатата сезона ќе настапат и двете екипи, а фаворитската улога е на страната на Вардар. Така на пример во таборот на Металург од минатогодишното финале ги нема најдобрите стрелци на споменатиот Ф4 турнир, тоа се Јагањац и Кузмановски, додека кај Вардар недостасуваат играчи како Штербик, Македа, Кањелас, Абутовиќ, Марсениќ и.т.н. Признанието за најдобар играч на завршниот турнир во Битола го држи летонецот Даинис Кристопанс.

Металург во вчерашното полуфинале по голема борба го совлада тимот на Бутел, кој беше дебитант на завршните турнири во националниот куп. Долго време, избраниците на Котевски даваа силен отпор и одржуваа резултатска неизвесност, но на крајот пресуди поголемото искуство на тимот од Автокоманда.

Вардарци во полуфиналето против Еурофарм играа со речиси најголем дел од најсилниот состав, со исклучок на Чупиќ, Гедбан и Горбок, кои денес треба да добијат поголема минутажа на теренот. Вардар има можност и шестта година по ред да го освои купот и само да ја потврди доминацијата последниве години во Македонија.

За трофејот од купот ќе се борат и младите вардарки кои за противник го имаат домаќинот на турнирот, тоа е екипата на Куманово. Иако оваа сезона играме без ѕвездите и драстично подмладени, тоа не претставуваше проблем за нашите млади надежи да се изборат за куп финалето, откако во полуфиналето ја совладавме екипата на Стружанка. Со самиот влез во финалето на овие млади ракометарки, можеби и ја остваривме целта, ние ќе играме без притисок, но сигурно дека нема да излеземе со бело знаме на ова финале.

Вардар и Куманово многу добро се познаваат од натпреварите во женската лига, а токму против овој противник ја стартувавме новата сезона кога во С.Ц. Јане Сандански речиси во последните секунди ни „побегна“ победата, играјќи со нерешен резултат 30:30. Неизвесен беше и нивниот втор меѓусебен дуел кој се одигра во Куманово, на кој противникот славеше минимална победа со резултат 29:27. Вардарки ги загубија и двата дуели во рамките на плеј-офот од екипата на Куманово, но секогаш тоа беа тесни и неизвесни победи за противникот, изразени со четири голови разлика. Предноста е можеби на страната на противникот, пред се поради домашниот терен, но и поради возраста и искуството, но вардарки покажаа оваа сезона дека не се плашат од никого и дека можат да парираат на секоја екипа. На клупата имаме искусен стратег, кој знае како да го извади најдоброто од девојките, а сигурни сме дека ќе подготви и тактичка игра за Куманово, кој и самиот најавуваше дека се фаворити во финалето, но дека нема да ги потценат нашите ракометарки.

Женското финале ќе стартува од 16:00 часот, додека машкото е закажано во 20:00 часот. Се надеваме дека на крајот двете екипи на Вардар ќе ги подигнат трофеите и така ќе заокружиме еден успешен ден на нашиот ракометен колектив.