Фудбалерите на Вардар родени 2008 година се пласираа во големото финале на Детската лига, откако денеска го победија тимот на ФК Јанг Тим од Струга со резултат 7:4 во полуфиналето.
Натпреварот започна со иницијатива на тимот од Скопје. Со два удари кон противничкиот гол се заканија Ненад Дамјаноски и Иван Ташовски, потоа два удари на противникот одбрани и Лука Грчевски. Голот за Вардар дојде преку Ненад Дамјаноски кој стрелаше прецизно од слободен удар за предност од 1:0. По голот започна и голеадата на Вардар, следуваа голови на Арти Азизи и Лука Трпевски за веќе убедливи 3:0. До крајот на првиот дел противникот успеа да намали на 3:1, а Вардар преку Стефан Бранковски го врати резултатот на три предност, 4:1.
Вториот дел започна со нов гол на Вардар, втор денеска на Ненад Дамјаноски за 5:1. Следуваа три одлични одбрани на Грчевски, кој спаси сигурни голови на противникот. Во следната акција противникот успеа да погоди и да намали на 5:2. До крајот на дуелот Вардар постигна уште два погодоци преку Арти Азизи и Ненад Дамјаноски од пенал за убедливи 7:2. Противникот со два гола во финишот успеа да ублажи на конечни 7:4.
Во финалето утре, Вардар ќе игра против ФК Милано.