Пред нас е 4.коло во најсилната група Б од Лигата на Шампионите, коло во кое Вардар за прв пат загуби од екипата на Кил, додека победи остварија уште и Брест Мешков, Монпелје и Веспрем.
Вардар прв пат сезонава во ЛШ доживеа пораз, од екипата на Кил која после ова коло го превзеде првото место во групата. Црвено-црните го одиграа своето најлошо полувреме во последните неколку години, во кое постигнаа само четири голови, а противникот имаше предност од 4:16. Во вториот дел смаливме на пет гола негатива, но немавме сили за целосен пресврт. Извештај од натпреварот можеше да прочитате на линкот, ТУКА.
Екипата на Киелце доживеа нов „шок“ во групата, после поразот од Порто, избраниците на Душебаев неочекувано беа совладани на домашен терен и од тимот на Монпелје. Иако францускиот тим пристигна без неколку свои играчи, сепак тоа не им претставуваше проблем да слават на жешкиот терен во Киелце. Ако се земе предвид, дека полјаците немаа ниту еднаш предност, освен едно израмнување, тогаш триумфот на Монпелје е повеќе од заслужен. Избраниците на Канаје отворија со водство од 0:2, за домаќинот да врати на ист начин и да израмни на 2:2, сепак како тука да застана играта на Киелце. Во текот на целото прво полувреме, гостинската екипа беше во водство кое се движеше од 2-3 гола разлика. Во еден момент, Киелце намали на еден гол негатива (10:11), за Монпелје да направи серија од 0:3 и да поведе со највисоки 10:14. До крајот на полувремето, Киелце намали на два гола негатива (12:14).
На стартот од вториот дел, домаќинот отвори со гол за намалување на 13:14, но Монпелје повторно се одлепи на четири гола разлика, тоа беше и најголемата позитива која ја стекнаа на овој дуел. На моменти, Киелце намалуваше на еден гол негатива, така беше и во последните четири минути кога резултатот беше 26:27, сепак немаа сили за нешто повеќе, па Монпелје славеше голема победа со резултат 27:29.
До прва победа во групата стигна и екипата на Брест Мешков која пред своите навивачи го совлада Мотор Запорожје. Белорусите го добија мечот после пресвртот во второто полувреме, откако по 30 минути играа имаа негатива од три гола (16:19). Во најголем дел од првото полувреме, тимот на Мотор беше во предност, која најмногу достигна до четири голови, додека Брест Мешков постојано бркаше негатива.
На стартот од вториот дел, украинците поведоа и со 16:20, но Брест Мешков направи постигна четири последователни голови и го израмни резултатот на 20:20. Во следните десет минути од мечот се играше гол за гол, а последното израмнување беше при резултат 26:26. Домашниот тим направи голем чекор кон победата кога направи серија од 4:1 и поведе со 30:27. До крајот ја одржија предноста, за прв триумф во ЛШ од 33:31, додека ова беше четврти пораз за Мотор Запорожје во групата.
После два последователни порази во групата, до триумф стигна и екипата на Веспрем која беше подобра од Порто (38:28). Стартот на мечот не навестуваше дека Веспрем ќе стигне до висок триумф, со оглед дека имаа лош почеток и во два наврати негатива од три гола разлика (1:4 и 2:5). Сепак во истекот на 10.минута, избраниците на Дејвис се соземаа и го израмнија резултатот на 7:7, по што следеше и серија од 5:1 за предност од 12:8 највисока за домаќинот во првиот дел од мечот. До крајот на првото полувреме, Порто воспостави рамнотежа на теренот и на одмор замина со негатива од само три гола (19:16).
Во второто полувреме, Веспрем немаше проблеми и имаше контрола на играта, додека позитивата постојано растеше во нивна корист. Порто не издржа да избегне висок пораз, играше лошо во вториот дел, па на крајот Веспрем победи со двцофрена разлика ( 38:28).
Како изгледа табелата во групата Б, после 4 одиграни кола:
1. Кил 7
2. Монпелје 6
3. Вардар 6
4. Веспрем 4
5. Порто 4
6. Киелце 3
7. Брест Мешков 2
8. Мотор Запорожје 0