Вардар може да биде горд на своите најмлади ракометарки, пионерскиот тим предводен од Платон и Папуџиева е екипа за големи дострели. Овој тим изминатата сезона успеа да дојде до пионерската титула, на изненадување на сите станаа шампиони и во кадетската лига, успешната сезона беше „зачинета“ со два пехари од меѓународни турнири. Во новата сезона зборот „перфекција“ ги опишува во целост, имаат пет победи во исто токку кола во пионерската лига досега. Утре, започнува и кадетското првенство, пред истото ви носиме како најава, изјава од една од девојките со посебна харизма, крилото Јана Равојска.
Јана игра на позицијата десно крило во тимот, таа е дел од сите успеси на младите вардарки кои ги нарекоа „лавици“. Поседува одличен преглед на играта, кога и да добие прилика од клупата ја “зграбува“, игра борбено во дефанзива и креативно во офанзива. На интелигентен начин ја користи предноста која ја има поради одличната градба при ракометната игра, секогаш дава максимум за тимот, беспоштедно се бори за екипата. Започна изминатата сезона како крило, од меч во меч, од недела во недала, од месец во месец нејзиниот напредок е евидентен, многу работи на себе, предана е на тимот во целост. Очигледна е нејзината дарба за овој спорт, желбата за напредување и усовршување и е на највисоко ниво. Како минува времето се повеќе добива на важност во тимот, нејзиниот напредок покажува дека станува збор за девојка на која треба да се смета во иднина. Кај Равојска постојано се гледа „жарот“ за успех, тоа е нешто што зрачи од неа, сака да победува, сака да биде секогаш за едно ниво погоде со играта, сака да стреми кон совршенство. Во продолжение ви носиме неколку одговори од девојката која наскоро се очекува да блесне во целиот сјај, речиси е извесно дека во иднина ќе биде една од најдобрите ракометарки на таа позиција.
1. Равојска како започна твојата ракометна кариера, кој ти беше прв тренер крај кого ги правеше почетните ракометни чекори?
Мојата ракометна приказна почна со Алушовски, тој беше мојот прв тренер. Конкретно љубовта кон ракометот не можам да кажам кога точно започна, бидејќи овој спорт од мали нозе ми привлекуваше внимание. Аналогно на тоа, голема желба ми беше еден ден да почнам да тренирам, потоа тоа се покажа како мој животен пат. Мојата желбата ми се исполни кога во 2014 година почнав да тренирам во клубот Алушовски. Од тогаш до сега се дружам со ракометната игра.
2. Во тимот кој лани оствари голем успех играше на десната крилна позиција, претходно имаше друго место во тимот, како си задоволна од сегашната позиција?
Сега играм десно крило, оваа позиција не ми е прва, претходно играв на позицијата среден бек. Сепак, настапот крај десниот раб на теренот, поточно на крилата позиција ми е помило, на истата сметам дека се пронаоѓам многу повеќе од бек. На мене секоја секунда одиграна на крило ми претставува големо задоволство, но воедно и голема одговорност да ја оправдам таа доверба. Овде се пронајдов самата себе, попричично сум задодоволна од таа позиција во екипата.
3. Голем успех имавме изминатата сезона, два меѓународни турнири и две лиги, пионерската и кадетската ги завршивте на победничкиот пиедестал, како ја виде таа сезона?
Минатата сезона е нешто што тешко може да се преточи во текст, не можам да кажам дека беше лесно да се постигнат резултатите од минатата сезона. Постигнатиот успех е резултат од напорна работа, секојдневни тренинзи, сплотеноста на тимот да дејствува како една целина. Сите компоненти беа одлично вклопени, остануваше да се реализира тоа на терен и ние успеавме, посебно сум горда на ланските титули кои ги освоивме. Сакам да истакнам дека до тој успех се дојде и поради тоа што нашата екипа има врвните тренери кои не водеа до тој успех чекор по чекор со многу внимание, трпеливост, енергија и љубов. Едноставно сите коцки беа правино наместени во мозаикот „двојна круна“.
4. Колку си задоволна од твојот личен учинок во текот на шампионската сезона која е зад нас?
Минатата сезона јас бев почетник на крилната позиција, па ќе кажам дека сум задоволна од постигнатото. Се посветив на совладувањето на „тајните“ на тоа место во тимот. Како што се вели секогаш може подобро и ќе се стремам за подобри резултати во оваа сезона, ќе дадам максимум за тимот, ќе се борам да бидам важна алка на екипата во големиот предизвик кој треба да го оствариме, одбрана на двете домашни круни- пионерската и кадетската.
5. Одлично започнавте оваа сезона, пет победи на исто толку мечеви, како си задоволна од стартот?
Да добро ја започнавме сезоната, не велам не, но пак ќе кажам ние како тим секогаш можеме подобро. Ќе се трудиме да бидеме најдобри, ќе играме со фокус од натпревар во натпревар. Она што е постигнато ќе го оставиме зад нас, за да влеземе мотивирани во секој нов меч, бидејќи само со таков претпазлив пристап може да ги оствариме целите за оваа сезона кои ги имаме зацртано и за кои претходно напоменав.
6. Дел си од Вардар, што значи честа да се биде дел од црвено-црниот тим, какво значење како на млад спортист има за тебе тоа?
За мене е огромна чест да играм и да бидам дел од Вардар, од секогаш сум сакала да бидам дел од истиот, а и секогаш ќе го сакам тоа. Секој кој се бави со спорт во земјава, особено со ракометната игра посакува да биде дел од големото црвено-црно ракометно семјство тоа буди посебно чуство на гордист кај секој спортист. Името „ВАРДАР“ во мене буди премногу емоции, почит, мотивираност и победнички дух. Тоа е тим што не можеш да му одолееш, име што сите ние го носиме во нас.
7. Имате одличен ракометен тренерски тандем, Платон-Папуџиева, неколку збора за нивниот придонест за тимот?
Тие се секогаш тука за нас, да не научат нешто ново, да ни ги покажат грешките и најважното умеаат правино да не водат низ предизвиците. Одлично не познаваат и ни дават правилни насоки за наш развој и усовршување. Мора да потенцирам, да не беа тие немаше да постигнеме вакви резултати, во тоа сум сигурна. За крај на ова прашање ќе констатирам, слободно можам да кажам дека ги имаме најдобрите тренери во земјава.
8. За крај вардарова „9-ке“ кажи ни која е „тајната“ на перфектната игра на твојот тим и „жетвата“ на трофеи?
Нашето најјако оружје е тоа дека ние играме од срце, и даваме се од себе. Веќе сме една голема фамилија што играме една за сите, сите за една. Половина од денот сме заедно и тоа не прави уште поблиски, поповрзани и помотивирани. Едноставно кога сме на терен сме една целина, тоа се преточува и во резултатите кои ги постигнуваме, па така често златото завршува во наши раце. Овој тим е нешто големо, ќе покаже времето кое е пред нас дека ние сме екипа за големи дострели- вели Равојска.
МИХАЈЛО ТУШЕВСКИ