Се одигра и претпоследното 13.коло во најсилната група Б од Лигата на Шампионите. Победи забележаа екипите на Киелце, Порто, Брест Мешков и Веспрем.
Колото го отворија екипите на Мотор Запорожје и Киелце, натпревар кој очекува го доби тимот на Киелце. Ниту во еден момент не беше загрозена победата на полскиот шампион кој беше и голем фаворит пред почетокот на натпреварот. Имаа добар старт кога поведоа со 0:3, разлика која само се зголемуваше како течеше првото полувреме. Стигнаа и до највисоки шест голови разлика, која ја имаа во неколку наврати, додека на полувреме се замина со резултат 14:19.
Немаше големи возбудувања ниту во второто полувреме, Киелце го контролираше мечот, стигна до највисоки 20:28, за да дојде до мало олабавување во нивните редови, кога му дозволија на Мотор да направи серија од 5:0 и да намали на само три гола негатива. Сепак до крајот на мечот, домашниот тим постигна само еден гол, а Киелце стави печат на победата, која на крајот беше изразена со резултат 26:33.
Вардар не успеа да слави на гостувањето кај екипата на Порто и после ова коло го загуби петтото место во групата. Бевме рамнопрвни само во првото полувреме кога имавме негатива од само еден гол (11:10), за во вториот дел да започнат проблемите во нашата игра. Порто делуваше самоуверено, додека на Вардар тешко им одеше во нападот. На крајот доживеавме висок пораз со резултат 30:22. Извештај од мечот можете да прочитате на линкот, ТУКА.
На натпревар кој немаше резултатско значење, Брест Мешков направи мало изненадување совладувајќи го тимот на Кил. Очигледно гостинскиот тим се чуваше за настапите во Бундеслигата, со оглед дека пред ова коло го имаше обезбедено првото место во групата, додека Брест Мешков е без шанси за пласман во следната елиминациска рунда. На полувреме, домаќинот имаше позитива од три гола (15:12). На стартот на вториот дел, Кил се врати во игра, направи серија од 1:6 и поведе со 16:18, но недоволно да се стигне до победа на крајот. Пи резултат 22:22, Брест Мешков направи голема серија од 8:2 и стигна до високи 30:24. период во која беше обезбедена победата. На крајот конечниот резултат гласеше 33:30.
Екипата на Веспрем на едно коло пред крајот го обезбеди второто место во групата, откако на домашен терен го победи тимот на Монпелје. Ова беше дерби на викендот во ЛШ, кое им припадна на унгарците. Се играше израмнет натпревар, иако Веспрем во најголем дел од дуелот беше во позитива, но не голема, за да им даде простор за сигурна победа. Монпелје постојано им дишеше во „врат“ но Веспрем го имаше на голот расположениот Арпад Штербик, кој беше најголемиот творец во триумфот, кој беше изразен со резултат 24:23.
Како изгледа табелата во најсилната група Б, после одиграното 13 коло:
1. Кил 20
2. Веспрем 18
3. Киелце 16
4. Монпелје 15
5. Порто 12
6. Вардар 11
7. Брест Мешков 8
8. Мотор Запорожје 4