Клубот кој последниве три години успеа на два пати да ја покори Европа и да ја освои Лигата на Шампионите, има неизвесна иднина. Проблемите во Вардар не се ништо ново, тие постојат од поодамна, а дали ќе згаснат и ќе се најде некое решение за доброто на клубот, оставаме времето да покаже. Вардар и осма сезона ќе игра во осмина-финалето во ЛШ, но поради заминувањето на неколку играчи и скратениот ростер, прашање е колку можеме да издржиме да се носиме со главните предизвици кои следуваат. Тука се секако одбраната на трофејот во ЛШ, кој станува се потешка мисија за црвено-црните, но и одбраната на титулата во СЕХА-лигата. Обврска на екипата ќе биде да се потврди и доминацијата во домашното првенство, каде имаме сериозен противник во Еурофарм, во случај да останеме со истава екипа до крајот на оваа натпреварувачка сезона. За сите случувања во клубот, како и за проблемите кои постојат уште од минатата сезона, отворено говореше Тимур Дибиров, во интервју за „Балкан Хандбал“.
Тимур истакна дека најголем проблем на екипата во моментов е што нема доволен број на играчи, ниту за еден нормален тренинг. Се повеќе се намалува изборот на играчи, а тоа носи големи проблеми во подготовката на тимот во пресрет на натпреварите.
-Единствен проблем во последно време е тоа што не можеме да составиме тренинг како што треба. Самите резултати кои ги имаме се последица на тоа. Многу играчи си заминаа, тоа е секако нивни избор кој мора да се почитува. Момците кои заминаа дадоа се за Вардар, едни повеќе, други помалку, но сите заслужуваат респект. Нашиот проблем е што немаме доволен број на играчи за тренинг. Тренираме два на два, или три на три, не нема во доволен број, а тоа е голем проблем. Во последните 4-5 месеци нема квалитетна работа на тренинзите, тешко е да се работи на тактиката и да се подготвиме како што треба. Минатата сезона имавме поширок ростер, сега Калараш доби стомачен вирус, Горбок некоја повреда и тогаш како бекови играат Чупиќ и Дибиров, а Скубе не може сам да ги покрие сите позиции. Одиме понатаму, може ќе се случи некој добар ден, како што беше против Мотор. Дочекавме да еден Монпелје биде фаворит во Скопје…
Без разлика на проблемите, Дибиров ветува борба до самиот крај, имаат респект, но не се плашат од никој противник. Се додека има надеж ќе се борат да стигнат што подалеку и оваа сезона во Лигата на Шампионите.
-Се додека постојат шанси ќе се бориме и за петтото место во групата, ќе се обидеме. Ќе играме против Монпелје како да е прв и последен пат, сите знаеме во каква ситуација се наоѓаме. Ние што останавме во екипата, не се плашивме веќе од никого. Можеме да одиграме и добро и лошо, но никогаш не се плашиме. Поминавме низ различни периоди, но секогаш имавме респект кон секој противник, тоа е нашата предност. Никогаш не сме глумиле , дури и кога по втор пат успеавме да станеме Европски Шампиони, никогаш не сме изјавувале дека сме најсилни.
Сопственикот на клубот поради финански проблеми бил решен уште на крајот од минатата сезона да го остави клубот, но некои луѓе во земјава му дале ветување дека клубот ќе опстои, ветувања кои останале празни….
-Кога по втор ја освоивме Лигата на Шампионите, некои луѓе кажаа дека Вардар ќе опстане. Тука не мислам на луѓе од клубот, туку за моќни луѓе во државата. Рекоа дека ја имаат нивната поддршка и дека нема никогаш да не остават. Знам дека има луѓе на кои не им е сеедно во моментов, има многу навивачи кои искрено го сакаат Вардар, кои од срце навиваат на секој натпревар, но народот секако дека не може да ја промени состојбата. Не можам да разберам дека клубот дојде до нула, тоа е чудно. Се знаеше во какви проблеми е клубот, дадоа ветување дека ќе помогнат и на крајот ништо…Сега Самсоненко дојде во ситуација да ги покрива долговите, за оние кои ветуваа. Единствената причина поради која Самсоненко не го остави клубот на крајот од минатата сезона, беше поради ветената помош. Тој на сите нас ни кажа , момци на мене ми е тешко, не можам повеќе да го финансирам клубот“. После настапот во Келн, луѓето од државата кажаа дека ќе има помош. Сега дојде во ситуација да бара пари, за туѓите ветувања.
Играчите речиси од почетокот на сезоната немаат земено плата, иако Самсоненко дал ветување дека истите ќе бидат подмирени до крајот на сезоната. Поради туѓите ветувања, сега мора да ги изнесе на свој грб сите проблеми во клубот и да ја подобри ситуацијата. Дибиров истакна дека играчите имаат голем респект кон Сергеј, но и тој спрема нив, па затоа им ветил дека се ќе биде исплатено до крајот на месец мај.
-Седум години, Самсоненко вложуваше свои пари и правеше се што е во негова моќ. Дојде моментот, тоа беше месец мај минатата година кога дојде и ни рече, момци јас не можам веќе, ќе ви исплатам се до крај на сезонава, но понатаму не можам да продолжам. Со таков договор го одигравме и четврт-финалето против Пик Сегед. Почнавме да бараме и нови клубови, бидејќи човекот дојде и чесно ни ја кажа вистината. Можевме само да му се заблагодариме, за се она што го стори за сите нас во клубот.После Келн му е дадено збор на Самсоненко дека ќе се помогне клубот да се одржи на исто ниво, а тој рече, добро останувам ако имам поддршка, сакам и трета титула во Лигата на Шампионите. На тој начин останавме во клубот, чекаме стабилизација во Вардар, беше кажано дека се ќе среди за месец дена. Човекот кој сакаше да го напушти клубот, сега мора на свој товар да ги понесе туѓите ветувања, ниту тогаш, ниту сега ги има тие пари. Поради огромниот респект кој го има спрема нас играчите на последниот состанок ни кажа, не знам кога, но до крајот на сезоната ќе се обидам да ги подмирам сите долгови кон вас. Не можам да верувам, бидејќи луѓето цело време ми зборуваат, ќе помогнеме, ќе помогнеме, а нема ништо од тоа. Ние го разбираме, имаме исто така големо почитување спрема него, но политичките игри, неговиот бизнис, ние играчите не би требало да зависиме од тоа. Имаме и ние свои кариери, ќе се бориме, луѓето кои го разбираат ракометот знаат што ни се случува.
Дибиров има договор со Вардар до крајот на оваа сезона, а се поверојатно е дека од следната сезона нема да го гледаме во Вардар.
-Тешко е да зборам за останување во Вардар. Никој од нас не знае дали клубот и воопшто ќе постои. И јас, како и другите играчи разгледуваме опции и понуди од други клубови. Спортот не е хуманитарна организација, имаме семејства кои зависат од нас. Го сакаме и клубот и Македонија, покажавме и минатата и оваа сезона дека не сме луѓе кои мислат само на пари, но не можеме така цел живот. Сакаме да играме во екипи кои се амбициозни.