Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Атлетика > ПОТСЕТУВАЊЕ НА АТЛЕТСКИОТ МЕМОРИЈАЛЕН МИТИНГ „ЛАЗО МИЛОШЕВСКИ“, ЛЕГЕНДАТА НА АК ВАРДАР И МАКЕДОНСКАТА АТЛЕТИКА
ПОТСЕТУВАЊЕ НА АТЛЕТСКИОТ МЕМОРИЈАЛЕН МИТИНГ „ЛАЗО МИЛОШЕВСКИ“, ЛЕГЕНДАТА НА АК ВАРДАР И МАКЕДОНСКАТА АТЛЕТИКА

ПОТСЕТУВАЊЕ НА АТЛЕТСКИОТ МЕМОРИЈАЛЕН МИТИНГ „ЛАЗО МИЛОШЕВСКИ“, ЛЕГЕНДАТА НА АК ВАРДАР И МАКЕДОНСКАТА АТЛЕТИКА

Поминаа речиси две децении од одржувањето на последниот атлетски митинг организиран во чест на легендата на македонската атлетика, Лазо Милошевски. Со овој прилог настојувавме да се потсетиме на великанот на македонската атлетика од 50-те години и на атлетската манифестација која секоја година се одржуваше во негова чест, традиционалниот меморијален митинг „Лазо Милошевски“.

Лазо Милошевски е роден во Тетово на 5 март 1926 година. Завршил Сојузен курс за атлетски инструктори во Белград. Тој беше најпознатиот македонски атлетичар и спортист во 50-те години. Уште на самиот почеток на својата богата и успешна спортска кариера, во годините непосредно по Втората светска војна, Лазо Милошевски го манифестираше својот раскошен талент, поставувајќи рекорди во дисциплините од 200 до 800 метри. Со текот на времето, неговите рекорди беа соборени од неговите наследници, но ако се погледне листата на атлетските рекорди на Атлетската федерација на Македонија, може да се забележи дека Лазо Милошевски сѐ уште го држи државниот рекорд на Македонија на 300 метри со резултат од 33,7 секунди, а постигнат уште во далечната 1950 година.

Уште во 1947 година, Лазо Милошевски станува член на југословенската репрезентација на Балканските игри во Букурешт (Романија). Во штафетата 4×400 метри освоил златен медал со балкански рекорд, додека на 200 метри го освоил 4 место.

На двомечот на атлетските репрезентации Италија – Југославија кој се одржал во 1948 година во Милано, го освоил првото место на 4×400 метри со нов југословенски рекорд.
На првенството на Југославија кое се одржало во 1950 година во Загреб, Лазо Милошевски настапил во својата најомилена дисциплина, 400 метри. Во оваа трка освоил златен медал и поставил нов македонски рекорд.
Кратко време Лазо Милошевски настапувал како член на „Црвена Звезда“ од Белград . Тогаш станал југословенски првак на 200 метри, а на 400 метри го освоил второто место.
Во 1954 година во Брисел, Лазо Милошевски бил првиот македонски спортист – учесник на едно Европско првенство. Тогаш на 400 метри успел да ја мине првата квалификација. Во финалната трка 4×400 метри завршил на 5-то место. Наскоро, истата година го поставил македонскиот рекорд на 400 метри со резултат од 49,6 секунди. Подоцна на македонската атлетска сцена се појавува уште еден голем атлетичар во дисциплината 400 метри, Милош Буцевски, кој 12 години подоцна успел да го собори овој рекорд.
Покрај спотрските резултати на атлетската патека, Лазо Милошевски бил и уредник на Спортската редакција на Радио Скопје. Со својот магнетофон регистрирал многу спортски настани, а низ етерот постојано струел неговиот глас. Како новинар, информирал од најголемите спортски настани, како и од Олимпијадите. Иако неговото здравје било сериозно нарушено, тој не отстапувал од својот новинарски пат и постојано чекорел напред. Последна негова олимпијада бил Рим – 1960 година. Токму тогаш, на овој собир, дошол до израз неговиот врвен новинарски квалитет, зошто според слушателите на Радио Скопје, подготвил репортажи и разговори кои и до денеска не се надминати. За известувањата на Лазо Милошевски од оваа Олимпијада, мошне се впечатливи зборовите на Зоран Михајлов, исто така атлетски рекордер и познат спортски новинар во „Нова Македонија“ и МТВ.
„Асовите не треба да ги заборавиме. Милошевски има посебно место и во македонското спортско радиорепортерство. Со микрофонот стигнуваше насекаде, а колку беше голема желбата пред слушателите да го презентира она највредното говори и податокот од Олимписките игри од Рим во 1960 година, кога и покрај снеможноста од болеста која сериозно го нагризуваше неговиот организам, сними интервју со тогаш најбрзата жена на светот, црната газела Вилма Рудолф, и веднаш потоа се онесвести“.
Еднаш добиената битка со подмолната болест и успешното враќање на атлетската патека и животот, сепак во вториот обид ја загубил. Болеста беше посилна од него и многу млад, во 1963 година замина од животната сцена за да остави зад себе и репортерско и атлетско дело на кое и денес со почит се потсетуваме.
За легендата на македонската атлетика Лазо Милошевски, поранешниот претседател на АК „Вардар“ и близок пријател на Лазо Милошевски, Џоџа Грековски зборува:

„Моите чувства се уште поизразени зошто Милошевски не само што беше мој современик, туку ми беше и мојот најдобар и најмил пријател. Спомените на него и на неговото атлетско и новинарско творештво никогаш нема да бидат избришани ниту кај мене, ниту кај сите негови пријатели и современици. Милошевски беше човек кој остави спортски белег на еден период кога македонската атлетика беше на својот почеток и кога ги правеше првите чекори кон меѓународна афирмација“.

Во знак на сеќавање на големиот атлетичар и спортски репортер, од 1964 година се одржуваше и меморијалот „Лазо Милошевски“. Атлетскиот меморијал „Лазо Милошевски“ со години претставуваше една од најквалитетните, не само атлетски, туку спортски приредби што со години се одржуваше во нашата Република. Оваа манифестација беше влезена во меѓународниот атлетски календар со учество на познати светски имиња од голем број земји во светот.
Во програмата на Митингот беа застапени повеќе атлетски дисциплини, но централно место претставуваше меморијалната трка на 400 метри. Во оваа трка секогаш беа поканувани истакнати имиња и големите шампиони од земјата и странство, кои со големо задоволство учествуваа на неа. Меѓу тие имиња би се потсетиле на Јошко Алебиќ, член на АК „Сплит“, кој победуваше 4 пати, а во 1979 година постигна и рекорд на меморијалната трка на 400 метри со резултат од 46,60 секунди. Алебиќ беше еден од најдобрите европски тркачи на 400 метри, кој до доцната младост успеваше да се носи рамноправно со сите противници.
Еден од победниците на митинзите беше и Лучијано Сушањ од АК „Кварнер“ од Риека. Неговиот настап во Скопје предизвика посебно интересирање, зашто на скопскиот митинг дојде откако претходно ја освои титулата Европски првак на 800 метри на шампионатот на стариот континент во Рим 1974 година, победувајќи го познатиот италијански рекордер во оваа дисциплина Марчело Фијасконаро, како и тогаш 19-годишниот Стив Овет од Англија, подоцна олимписки победник на 800 метри.
Меѓу оние што два пати триумфирале е и бугарскиот репрезентативец Јанко Братанов. Тој беше врвен тркач на 400 метри, носител на медал од Европското првенство, како и учесник во финалната трка на 400 метри на Олимпијадата во Монтреал 1976 година.
Од македонските учесници најдобри резултати постигнуваше Милош Буцевски кој во 60-те години извојува две победи, а во 1966 година го собори и рекордот на Лазо Милошевски со резултат 49,4 секунди, и беше еден од најголемите таленти на македонската атлетика. За жал, неговата кариера не траеше долго. Кога се очекуваше со брз чекор да се вивне во европскиот врв, Буцевски ја напушти атлетиката.
Од другите победници би ги одделиле уште: Миле Павасовиќ (АК „Вардар“), Исмет Абази (АК „Црвена Звезда“), Злате Влчев (НР Бугарија), Сокол Сачевски (АК„Вардар“), Зоран Тодоровски (АК„Скопје“) и други.
Овој преглед на најуспешните атлетичари на меморијалот „Лазо Милошевски“ не би бил комплетен ако не би го спомнале и Мачев Исмаил, кој победи во 1992 година со резултат од 48,80 секунди. Настапот на Мачев Исмаил кај членовите на Организациониот одбор на меморијалот предизвика посебна радост, бидејќи својата атлетска кариера ја започна токму во АК „Вардар“. Се сеќавам кога прв пат, како ученик во 6 одделение, влезе во кабината на клубот и се приклучи на својот прв тренинг со нас постарите. Беше најмлад, но мошне упорен. Тој полека напредуваше, за да подоцна постигне врвни резултати. Подоцна премина во АК „Работнички“, а своите најдобри резултати ги постигна како член на АК „Црвена Звезда“. На 13 септември 1983 година, Мачев истрча 46,27 секунди, што сѐ уште претставува званичен рекорд на Македонија. Подоцна како член на АК „Црвена Звезда“, во 1989 година истрча фантастичен резултат од 45,83 секунди.

.
За успешните подготовки на митингот, АК „Вардар“ формираше Организационен одбор, кој се грижеше за финансиската конструкција, програмата на митингот, како и изборот на учесниците. До 1990 година, државните институции во целост ја финансираа оваа манифестација. Со транзицијата која започна во 90-те години, АК „Вардар“ немаше средства и не беше во состојба да организира така квалитетни митинзи, па во тие години, оваа манифестација се ограничуваше во републички рамки. Во 1993 година, на чело на Организациониот одбор дојде Петревски Зоран, потпретседател на Собранието на Градот Скопје, кој успеа да привлече повеќе спонзори, и да го поврати реномето на меморијалот. На чело на Организациниот одбор, Петревски Зоран беше се до 1996 година,при што натпреварот повторно доби меѓународен карактер.

lazo
Во 1994 година беше одржан XXX, јубилеен меморијален митинг „Лазо Милошевски“. Покрај останатите дисциплини, посебно се водеше сметка за квалитетот на меморијалната трка. За таа цел се водеа преговори со сите атлетски федерации на соседните земји да ги испратат своите најдобри спринтери. Колкав интерес владееше за трката на 400 метри, покажува фактот дека наместо 6 учесници, колку што имаше патеки на Градскиот стадион и колку што беа поканети, нѝ дојдоа 8 квалитетни атлетичари. Овие 2, кои не беа поканети, молеа да и тие настапат со тоа што во 2 патеки трчаа по 2 атлетичари, или вкупно 8.
Меѓу атлетските ентузијасти кои со години беа членови на Организациониот одбор и на кои АК „Вардар“ им должи признание и благодарност би ги спомнале следните имиња: Апостолски Тошко, Андреевски Атанас, Глигориевски Русе, Тодор Пеливанов, Крстевски Киро, Мирко Павлов, Петревски Зоран, Грековски Џоџа, Пеповски Миле, Ѓеоргиевски Симе, Груневски Спирко, Илиевски Тихомир, Кузмановски Ѓорѓи, Михајлов Зоран, Несторова Љубица, Бошковиќ Миро, Тасевски Зоран, Стојановски Китан, Лакиќ Ксенија, Пеповски Владо, Љапчев Ристо, Кичев Митре, Ивановски Димитар, Буцевски Милош, Блгоев Ташко, Апостолски Љупчо, Трајчев Љупчо, Ивановски Мире, Андоновски Томе, Ангеловски Душко и др.
Имајќи ги во предвид врвните спортски дострели на легендата на македонската атлетика, Лазо Милошевски и долгогодишното постоење на маморијалот „Лазо Милошевски“, а со оглед на тоа дека Скопје нема меѓународен митинг од ваков формат, кај поголем број поранешни атлетски работници и атлетичари преовладува идејата и желбата за обновување на овој меморијал, кој заедно со Скопскиот маратон би придонел уште повеќе во популаризацијата на атлетиката, како и градот Скопје.

Автор: Мирослав Бошковиќ- атлетски работник, Скопје 2016